Речиси секоја десетта цигара потрошена во Европската Унија доаѓа од нелегалниот пазар, додека годишната загуба за буџетите на ЕУ и земјите-членки се проценува на околу 13 милијарди евра, покажува новиот извештај на Европскиот суд на ревизори (ECA).
Особено загрижува промената во начинот на функционирање на црниот пазар. Шверцот сè уште е сериозен проблем, но нелегалното производство на цигари сè почесто се одвива во самата Европска Унија, а нелегални производствени капацитети се откриени во речиси сите земји-членки. Организираните криминални групи го преместуваат производството поблиску до пазарите на кои ги пласираат производите, со што ги скратуваат синџирите на снабдување и се приближуваат до потрошувачите.
Милион нелегални цигари на час
Размерите на нелегалното производство најдобро ги илустрира примерот од Белгија, каде што во февруари 2025 година беше затворена најголемата нелегална фабрика за цигари откриена во земјата. Фабриката во Ломел работела 24 часа дневно и располагала со четири целосни линии за производство и пакување, секоја со капацитет од околу еден милион цигари на час.
И податоците од 2026 година го потврдуваат обемот на проблемот. Во септември, во одделна операција, белгиските власти затворија нелегална фабрика во близина на Нинове. Тоа беше дванаесеттата нелегална фабрика за цигари затворена во Белгија од почетокот на годината, поради што 2026 година може да стане рекордна според бројот на вакви откритија.
Белгија не е исклучок. Во најголемата нелегална фабрика за цигари што досега ја откриле шпанските власти биле запленети околу три милиони пакувања цигари во вредност од 15 милиони евра и пет тони суров тутун вреден пет милиони евра, а биле уапсени 20 лица. Производите од фабриката се дистрибуирале во шест земји-членки на ЕУ.
Европскиот суд на ревизори наведува дека нелегалните фабрики користат софистицирана опрема и искусни техничари, додека криминалните групи можат да го шират производството на повеќе локации, честопати во погранични области, и да го приспособат кон потребите на конкретни пазари и брендови.
И Македонија дел од нелегалниот синџир
Проблемот со нелегалниот пазар не е ограничен само на земјите-членки на ЕУ. И Македонија се соочува со сериозни предизвици поврзани со нелегалната трговија со тутунски производи. За можниот обем на овој пазар сведочи неодамнешната операција „Филтер“ на Царинската управа, во која беа разоткриени седум случаи на организиран шверц и околу 70 милиони цигари нелегално пуштени во промет. Според истрагата, со овие активности било избегнато плаќање давачки кон државата во вредност од над шест милиони евра. Случајот опфати транспортни и увозни компании, физички лица, како и полициски и царински службеници, што дополнително ја покажува сложеноста на проблемот и потпирањето на организирани мрежи во повеќе точки од синџирот на снабдување.
Податоците од последната студија на KPMG за нелегалната трговија со цигари во Европа во 2025 година покажуваат дека Македонија и натаму има релативно низок удел на нелегални цигари во споредба со повеќе пазари во ЕУ, но истовремено бележи раст. Нелегалните цигари сочинуваат околу 3,6 отсто од вкупната потрошувачка во земјата, односно приближно 1,3 процентни поени повеќе отколку во 2024 година. Иако уделот останува понизок од оној на голем број европски пазари, трендот јасно покажува дека присуството на нелегалната трговија се зголемува.
Растот на уделот на нелегалните цигари, заедно со случаите на организиран шверц откриени во операцијата „Филтер“, укажува дека нелегалниот синџир на снабдување останува активен. Оттука произлегува потребата од поефикасна контрола и посилна координација меѓу институциите, особено затоа што нелегалната трговија не познава граници и може да ги поврзе производството, транспортот и дистрибуцијата на повеќе пазари.
Празнини во борбата против црниот пазар
Предизвик за европските институции не е само растот на нелегалното производство, туку и неусогласениот начин на кој земјите му се спротивставуваат. Националните системи за контрола и спроведување значително се разликуваат, кривичните дела и казните не се доволно хармонизирани, а и натаму постојат празнини во соработката и размената на информации меѓу надлежните институции.
„Криминалците вклучени во нелегалната трговија со тутун успеваат не затоа што на Европа ѝ недостигаат закони, туку затоа што сè уште има празнини во координацијата, споделувањето информации и спроведувањето. Организираниот криминал има стратегија. И нам ни е потребна“, изјави Петри Сарвама од Европскиот суд на ревизори.
Дополнителен предизвик е тоа што вистинскиот обем на нелегалниот пазар и натаму не е целосно познат. ECA предупредува дека податоците за обемот, структурата и економското влијание на нелегалната трговија остануваат нецелосни и несигурни, што го отежнува прецизното согледување на проблемот и креирањето ефикасен одговор.
Достапните податоци покажуваат дека нелегалниот пазар добива на значење и покрај падот на вкупната потрошувачка на тутун. Според најновите податоци што ги цитира ECA, нелегалните цигари учествувале со околу 8,8 проценти во вкупната потрошувачка на цигари во Европската Унија во 2023 година. Тоа е јасен сигнал дека борбата против нелегалната трговија бара координиран, прекуграничен и доследен одговор. Бидејќи додека институциите дејствуваат одделно, црниот пазар функционира како единствен, добро организиран систем.
(комерцијална објава)








