СЕКОЕ 10-ТО ДЕТЕНЦЕ ВО ДРЖАВАТА Е ПРЕДВРЕМЕНО РОДЕНО

Повеќе од 90 отсто од бебињата под 32-ра гестациска недела се третираат на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) и имаме голем придонес за овој успех. Секое 10-то детенце во државава е предвремено родено. До 31 октомври, 610 дечиња се предвремено родени, а 402 се третирани на Одделот за интензивна нега и терапија при ГАК. Кај нас, од 14 отсто, бројот на предвремено родените е зголемен на 19 отсто – изјави денеска директорката на Клиниката, проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, која посочи дека успеале да ја намалат перинаталната смртност.

Таа потсети дека на почетокот на годината УНИЦЕФ и Светската здравствена организација во извештај ја истакнаа Македонија како држава со успешно намалена перинаталната смртност, и тоа со 87 отсто во последната деценија, што е голем успех за македонското здравство, со меѓународно признание.

– Ова за нас претставува и една одговорност да продолжиме понатаму во продолжување на квалитетот што го даваме за перинатална и неонатална нега. Најмалото детенце кое минатата година беше испратено дома беше родено во својата 24. гестациска недела со 715 грама, а тоа со најмала тежина имаше 530 грама. Нивниот третман на Клиниката од неколку недели и месеци е резултат на систематска работа, на една модернизација, на осовременување на опремата што ја имаме и, пред сè, на едукација и тимска работа на целиот кадар – рече проф. д-р Алексиоска-Папестиев на прес-конференција по повод 15 Ноември, Светски ден на предвремено родените бебиња, со мотото „Мали бебиња, голем потенцијал. Инвестирајте во континуирана грижа за да ја заштитиме нивната иднина!“

Во врска со нивните активности, појасни дека се набавени голем број инкубатори, и тоа седум со донација, а шест биле купени, потоа четири беби-вормери и ултразвучен апарат со три сонди за евалуација на мозочињата, белите дробови и срцето на овие новородени.

– Јас секогаш викам, вие може да имате опрема, но ако немате едуциран кадар, залудно ќе ви е таа опрема. Затоа посебно внимание беше посветено на едукација на кадарот на Одделението за интензивна нега. Две од нашите докторки на неонатологија беа испратени на Клиничката болница во Љубљана. Тоа беше во рамките на програмата, кога стапив на менаџерската функција, направивме билатерална соработка со Клиничката болница во Љубљана. Кога се вратија, докторките воведоа поставување централни венски катетери, што се исклучително важно за дечињата што лежат со недели и месеци на Клиниката за да не бидат постојано боцкани, туку, едноставно, да може од таму да се зема примерок – рече проф. д-р Алексиоска-Папестиев.

Потенцира дека биле направени курсеви за евалуација на срцето на новородените, мозочето, затоа што честопати кај нив знае да има интрацеребрална хеморагија, таа мембрана е фрагилна, и на тој начин да се евалуира и подоцнежниот квалитет на живот на овие новородени, како и евалуација на белите дробови. Ангажирале и надворешен експерт за дополнителна едукација и мониторинг со цел да се подобри клиничката и здравствената нега која се дава на Одделението, а во тек е обновување на Одделението за доносени новороденчиња.

Таа упати апел до сите жени да прават редовни контроли, да ја планираат својата бременост, да ги одредат коморбидитетите, инфекциите, затоа што со навремена дијагностика и третман може да ги превенираат овие случувања, односно бременоста да има подобар исход.

– Не треба да заврши грижењето со испуштање на детенцето дома, туку многу е важно понатаму да се следи неговиот раст и развој затоа што целта ни е да имаме и здрав и квалитетен живот на секое прематурно дете – истакна проф. д-р Алексиоска-Папестиев.

Прим. д-р Елизабета Петковска од ГАК рече дека предвремено родените се најранливата група новороденчиња на возраст меѓу 22. и 36. гестациска недела, но за нив од најголем интерес за третман на Одделот за интензивна нега и терапија се бебињата на возраст до 32. гестациска недела и со телесна маса до еден килограм и 500 грама. Според неа, тоа е највулнерабилната група новороденчиња, кои често бараат потреба од многу процедури и интервенции.

Таа посочи дека предвремено родените се долго одвоени од своите родители и овозможуваме кенгурирање, односно кожа на кожа на тие дечиња со родителите, да може по два часа во текот на денот во тој период додека досозреваат во инкубаторот да бидат во контакт и со родителите, а имаат и лактариум, кој овозможува да ги хранат со мајчино млеко. 

Министерот за здравство Сашо Клековски рече дека во однос на смртноста кај доенчињата, нашата држава е 174 отсто над исполнување, односно сме под европскиот просек на смртност. 

Според него, преживувањето на предвреме родените деца е решено подобро од европскиот просек и сега редот е на превенцијата и на грижата по болницата. Следењето на бременоста, посочи, може да се подобрува понатаму.

– Oва е признание на 10-годишен напор и од земја со висока смртност стигнавме до тоа да бидеме во смртноста под просекот на Европската Унија, што е докажување дека кога имаме цел, кога сакаме, можеме да стигнеме и над европските стандарди. И тоа е постигнато затоа што се воведоа стандардни протоколи за постапување, затоа што е инвестирано во здравствениот кадар, затоа што е добиено значајна меѓународна поддршка и од УНИЦЕФ и од Светската здравствена организација и од УНФПА и со една голема посветеност на сите инволвирани во целиот систем да имаме напредок. На сите здравствени работници ангажирани во тој сегмент треба да им оддадеме големо признание за постигнатото. 

Појасни дека со Здружението на приватните гинеколози и со еснафот, со Здружението на гинеколозите, треба да видат дали може да се воспостават појасни протоколи пред моментот на планирање на бременоста.

– Грижата не треба да застане кога бебињата ќе излезат од болница по неделен или повеќемесечен престој, не треба да престане грижата за нив, бидејќи тоа се вулнерабилни доенчиња, кои треба да имаат и понатаму следење и поголемо внимание – додаде Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање, проф. д-р Алексиоска-Папестиев рече дека на Клиниката има инкубатор за секое детенце и не се случува да има потреба две дечиња во еден инкубатор, тоа веќе со години не се случило. 

Во врска со бремените онколошки пациентки, таа појасни дека кај нив сè почесто ги има и кај нив има влошување на симптомите во текот на бременоста.

– Порано тоа многу ретко се случуваше затоа што жените раѓаа порано, а малигните болести доаѓаа подоцна. Ние пред две години имавме случај со карцином на дојката, во напреднат стадиум, доаѓа веќе со метастази. Значи, ние во првиот момент, кога детенцето, евентуално со зреење на белите дробови, може да се роди, за понатаму да се третира пациентката, индиректно го индуцираме поради мајчината индикација. Ние треба да ги превенираме ризичните фактори за да го превенираме предвременото раѓање и последиците од сите тие компликации кои може да дојдат од прематуритетот – истакна проф. д-р Алексиоска-Папестиев. 

Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека медицинските сестри се во многу мал капацитет.

– Би било исклучително важно кога би можеле барем пет сестри, а тоа бара и обука, значи барем по една сестра, да се подзасили оваа екипа, затоа што така пациентите ќе бидат многу позгрижени, а и многу повеќе ќе може да се разговара со родителите, затоа што, верувајте ми, тие сестри и тие доктори се и психолози. Нормално е тие родители, поради психолошките падови, да имаат потреба и од разговор – додаде проф. д-р Алексиоска-Папестиев. 

Одговарајќи на новинарско прашање, прим. д-р Елизабета Петковска во однос на ризиците рече дека во последните години сменет е стилот на живеење.

– Значи, сè повеќе имаме млади мајки, кои пред да зачнат, а и во текот на бременоста, пушат цигари, можеби користат и лесни дроги, па и некои лекарства, кои не е благопријатно да се примаат во текот на бременоста. Слабо спортуваат, обезни се, од тука доаѓа шеќерната болест во текот на бременоста, зголемен крвен притисок и повторно еден ризик за една неквалитетна постелка, неквалитетен дотур на храна и кислород до плодот, кој или предвремено се раѓа или кога ќе се роди, е со голем застој и затоа има потенцијал да има и други коморбидитети и покрај она што се вика прематуритет – појасни прим. д-р Петковска.

Таа посочи дека во моментот има 43 новороденчиња, од кои на 20-ина им е потребна механичка поддршка, 12-13 се приклучени и дишат со помош на респиратор, значи преку цевче или со тубус се приклучени, а другите исто имаат механичка поткрепа, но таа се вика неинвазивна механичка поткрепа, а другите бебиња се постабилни и се надеваат дека сите ќе ги извлечат и ќе имаат добар раст и развој. 

– Само сакам да направам една мала дигресија – да нема проблем во однос на родителите, поради грипот и поради морбилите, во моментот малку ни е ограничено кенгурирањето. Штом ќе добиеме дозвола, со него ќе се продолжи, а лактариумот си работи и мајките си пристапуваат, се измолзуваат и бебенцата се хранат со измолзено мајчино млеко, кое е најдобра храна за нивен раст и развој – додаде прим. д-р Петковска.


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано