Светската економија ќе порасне за 83 проценти до 2040 година, Кина сериозно ќе се приближи до САД, Индија ќе се искачи на третото место.
Како што објави Визуел Капиталист, светската економија би можела да достигне вредност од 227.000 милијарди долари до 2040 година, што е номинален раст од 83 проценти во споредба со проценетите 124.000 милијарди долари во 2026 година. Најголеми промени се очекуваат во економската рамнотежа на моќ меѓу САД и Кина, но и во растечкото влијание на азиските економии.
Според проекциите на Центарот за економски и деловни истражувања (Цебр), објавени во извештајот „Табела на светската економска лига 2026“, САД ќе останат најголемата единствена светска економија во 2040 година, но Кина значително ќе го намали јазот. Американскиот БДП треба да достигне 52.900 милијарди долари, а кинескиот 47.900 милијарди долари.
За споредба, во 2026 година, американската економија се проценува на 31.600 милијарди долари, а кинеската економија на 20.900 милијарди долари. Разликата меѓу двете најголеми економии на тој начин би се намалила од сегашните 10.700 милијарди на околу 5.000 милијарди долари.
Уделот на САД во светскиот БДП треба да се намали од 26 проценти во 2026 година на 23 проценти во 2040 година, додека уделот на Кина би се зголемил од 17 на 21 процент.
Во наредниот период Азија ќе го зголемува својот удел во светската економија.
Уделот на овој континент во глобалниот БДП треба да се зголеми од околу 32 проценти во 2026 година на 39 проценти во 2040 година. Во исто време, уделот на Европа ќе се намали од 26 на 21 процент, а на Северна Америка од 30 на 27 проценти. Покрај Кина, значителен пораст се очекува и во Индија и Индонезија. До 2040 година, Индија би можела да се искачи од четврта на трета најголема светска економија, со раст на БДП од 4.500 на 14.100 милијарди долари. Така, нејзината економија би го надминала комбинираниот БДП на Германија и Јапонија, за кои се предвидува дека ќе достигнат 7.800 и 5.900 милијарди долари, соодветно, пренесува Бизнис и финансии.
Фото Економија и бизнис







