Рудник САСА го одбележува Денот на рударите со награди за вработените и нови инвестиции во безбедно и одржливо производство

По повод одбележувањето на 28 август – Денот на македонските рудари и двојниот празник на Македонска Каменица, Рудник САСА и оваа година ја продолжи традицијата на оддавање признание на своите вработени за нивниот труд, стручност и посветеност кон безбедното и стабилно работење на рудникот. За празникот, сите вработени во САСА добија парична награда за своите залагања, додека на вкупно 121 вработен им беа доделени дополнителни парични награди и признанија за особен придонес кон остварувањето безбедно и стабилно производство и за другите активности поврзани со работењето на САСА.

Признанието „Најдобар рудар“ за 2025/2026 година му беше доделено на Драганчо Јованчов, ракувач со електрохидраулична дупчалка во јама, кој доби пригодна парична награда и подароци. Како дел од одбележувањето на празникот, за сите вработени беше организиран и традиционален свечен ручек.

„Денот на рударите е можност да им оддадеме признание на нашите вработени, чиј труд, знаење и посветеност се важни за успешното работење на Рудник САСА. Истовремено, овој празник нè потсетува на силната поврзаност меѓу рудникот и Општина  Македонска Каменица. Рудник САСА не е само компанија што работи овде, туку е дел од заедницата со која со децении расте и ги споделува и успесите и предизвиците. Ќе продолжиме да вложуваме во безбедни и современи услови за работа и да создаваме вредност за сите, бидејќи успехот има поголема вредност кога се споделува“, изјави генералниот директор на Рудник САСА, Џејмс Караматич, упатувајќи честитки до сите рудари и вработени во Рудник САСА, нивните семејства, жителите на Македонска Каменица и сите вработени во домашната рударска индустрија.

Одбележувањето на празникот се одвива во период на продолжена модернизација на Рудник САСА. Во пресрет на празникот ставени се во функција три нови подземни камиони кои придонесуваат за поголема оперативна сигурност и транспортна ефикасност, а беше заокруженa и првата фаза од проектот со кој се подобрува подземната вентилација. Со реализацијата на овие вложувања се оптимизира транспортот на руда, дополнително се унапредуваат условите за работа и се овозможува побезбедно извршување на подземните рударски операции.

Значаен напредок е постигнат и во дигитализацијата на рудникот, преку воведување централизиран систем за следење и управување со рударските процеси, кој преку интеграција на опремата и системите за мониторинг, овозможува следење на производството во реално време, подобра контрола на опремата и оптимизација на потрошувачката на енергија.

Овие проекти се дел од вкупните инвестиции во Рудник САСА кои надминаа 120 милиони долари, реализирани од влезот на Централ Азија Металс (CAML) во Рудник САСА во ноември 2017 година до денес. Овие средства се инвестирани во набавка на современа рударска опрема, дигитализација на технолошките  процеси, реализација на капитални проекти за модернизација на рударските методи, зголемување на ефикасноста и минимизирање на еколошкиот инпакт, како и во унапредување на безбедноста, стандардите и условите за работа во рудникот и во професионалниот развој и едукација на вработените.

Потврдувајќи ја својата долгогодишна поддршка за локалната заедница, Рудник САСА и годинава е главен покровител и партнер на дел од активностите за одбележување на Денот на рударите и двојниот празник на Македонска Каменица, вклучително и централната тридневна културно-музичка програма на градскиот плоштад.

Повеќе од истиот автор

Најчитано