РИБАТА ЗАЈАК КОЈА СЕ ПОЈАВИ ВО ГРЧКИТЕ ВОДИ ИМА СВОЈ ПРИРОДЕН НЕПРИЈАТЕЛ, кој може да го спречи ширењето на отровната риба

Рибата зајак стана една од најсериозните закани за морскиот екосистем на источниот Медитеран. Нејзиното масовно присуство во грчките мориња, особено околу Крит, предизвикува огромни проблеми за рибарите, го загрозува биодиверзитетот и го активира алармот кај здравствените служби поради нејзината екстремна токсичност.

Оваа риба стигнала до Средоземното Море преку Суецкиот канал, а зголемувањето на температурата на морето поради климатските промени дополнително го забрзало нејзиното ширење. Рибарите секојдневно пријавуваат огромни штети на опремата, бидејќи оваа риба кине мрежи и витка јадици со своите моќни заби, а во исто време ги потиснува и автохтоните видови риби.

Оваа риба речиси и да нема природни непријатели поради тетродотоксинот – моќен невротоксин што се наоѓа во нејзиното тело. Овој отров не се уништува со готвење или печење, а консумирањето на месото може да предизвика парализа, па дури и смрт.

Освен што е отровна, оваа риба станува и физичка закана. Грчкиот Црвен крст неодамна предупреди за регистрирани случаи на напади врз капачи, кои биле сериозно повредени од овие предатори. Дури и големите предатори како ајкулите го избегнуваат овој токсичен натрапник, оставајќи го да владее со подводното море невознемирено.

Сепак, природата понуди решение. Според научните истражувања, морската желка карета е единствениот потврден природен предатор кој се храни со возрасни риби зајаци во грчките води. Таа делува како супериорен биолошки регулатор кој може да ја запре оваа инвазија.

Благодарение на својата исклучително дебела кожа, цврста школка и моќен клун дизајниран за кршење школки, желката активно лови и го дели овој опасен плен. Најважно од сè – нејзиниот дигестивен систем е целосно отпорен на смртоносниот невротоксин. За желката, оваа опасна риба е само оброк богат со протеини.

Зачувувањето на популацијата на желката сега е клучен фактор во борбата против рибата зајак, која се закануваат трајно да го променат подводниот свет на Медитеранот, пренесува Еуроњуз Србија.


Повеќе од истиот автор

Најчитано