Пред две години, Семос Едукација ја формираше својата Проектна канцеларија со јасна цел: да создава нови партнерства и поврзување на образованието, бизнисот, институциите и носителите на политики во иницијативи кои носат реални промени. Денес, Проектната канцеларија зад себе има десетици иницирани партнерства, активно учество на домашни и меѓународни проектни повици и успешно реализирани проекти во областите на дигитализацијата, претприемништвото, вештачката интелигенција, туризмот и образованието.
Еден од проектите кои најдобро ја отсликува оваа мисија е „Виртуелна реалност за туризам“ (VR4T), поддржан преку програмата Еразмус+. Проектот има за цел да го доближи користењето на виртуелната и проширената реалност до туристичкиот сектор и стручното образование, преку развој на современи алатки за учење и обука.
Проектот е фокусиран на финализирање на отворена едукативна платформа која ќе ги содржи сите образовни материјали развиени во рамките на иницијативата. Преку кратки видео лекции и практични ресурси, туристичките работници, студентите и наставниците ќе можат да се запознаат со можностите што ги нудат VR и AR технологиите и нивната примена во туризмот.
Во рамките на проектот веќе е развиена и тестирана наставна програма за користење на овие технологии, а наставници и професионалци од земјите партнери успешно поминаа специјализирана обука во Софија, Бугарија. Следниот чекор е финализирање на видео содржините и нивно поставување на платформата за е-учење, која ќе биде достапна за пошироката јавност.
Покрај VR4T, Проектната канцеларија на Семос Едукација во изминатите две години работеше и на проекти поврзани со младинско претприемништво, вештачка интелигенција, економија, дигитални вештини и развој на гејминг индустријата. Во моментов се спроведува и проектот „Диги Млади“, насочен кон унапредување на AI вештините кај учениците и наставниците.
Со секој нов проект, Проектната канцеларија на Семос Едукација продолжува да ја остварува својата мисија: да создава партнерства, да отвора нови можности и да гради мостови меѓу знаењето, иновациите и реалните потреби на општеството.






