ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА АМЕРИКАНСКАТА АРМИЈА ОД ГЕРМАНСКИТЕ БАЗИ ЌЕ СЕ ОДРАЗИ НА ЛОКАЛНАТА ЕКОНОМИЈА, повеќе од две милијарди евра е годишниот приход од присуството на 8.000 американски војници во воздушната база во Рамштајн

Најавеното повлекување на околу 5.000 американски војници, што го објави Доналд Трамп, може да има „разорно“ влијание врз локалните заедници, предупреди градоначалникот на Рамштајн, Ралф Хеклер.

Воздухопловната база Рамштајн, седиштето на американските воздухопловни сили во Европа, се наоѓа во овој град во југозападна Германија. Сè уште не е познато кои бази ќе бидат вклучени во повлекувањето, но Хеклер се плаши дека Рамштајн би можел да биде меѓу нив.

Тој истакна дека, заедно со семејствата на војниците, до 12.000 луѓе би можеле да го напуштат регионот, што би претставувало голем удар за локалната економија.

„Доколку голем дел од населението замине, тоа ќе биде болен економски удар за нас“, рече тој.

Околу 8.000 Американци и нивните семејства живеат во општината Рамштајн, а се проценува дека нивното присуство носи повеќе од две милијарди долари годишно преку плати, кирии и договори со локални фирми.

Според американската војска, во моментов има околу 86.000 американски војници распоредени во Европа, од кои околу 39.000 се во Германија, а тој број се менува поради ротации и воени вежби. Трамп, исто така, предложи повлекување на американските трупи од Италија и Шпанија

Германскиот министер за одбрана рече дека одлуката на САД да повлече 5.000 војници од неговата земја е „предвидлива“, а воениот сојуз на НАТО соопшти дека бара појаснување од Вашингтон.

Во интервју за новинската агенција ДПА, Борис Писториус, исто така, нагласи дека „присуството на американски војници во Европа, а особено во Германија, е во наш интерес и во интерес на САД“.

Потегот на Вашингтон доаѓа откако претседателот Доналд Трамп го критикуваше германскиот канцелар Фридрих Мерц за тоа што изјави дека САД биле „понижени“ од преговарачите на Иран во тековната војна, пренесуваат медиумите во ргионот.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано