ПОМАЛКУ ЖИТЕЛИ И БАВНО ПРИБЛИЖУВАЊЕ КОН ЕВРОПСКИОТ ПРОСЕК – СТАТИСТИЧКА СЛИКА ЗА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА

Три и пол децении по прогласувањето на независноста, животот во Македонија во многу нешта е  различен од оној во 1991 година. Демографската слика е една од најголемите причини за загриженост – земјата старее, бројот на деца се намалува, а стотици илјади граѓани живеат и работат надвор од државата.

Во истиот период, економијата значително пораснала. Бруто-домашниот производ се зголемил од околу 4,7 милијарди долари на повеќе од 19 милијарди долари, додека просечната нето-плата достигнала над 49 илјади денари. Можеби најдобар показател за напредокот е и фактот што очекуваниот животен век е продолжен за околу пет години, од 72 години во 1991 на 77 години во 2024 година. Тоа укажува на подобри услови за живот и подолг животен век на населението.

Од два милиона жители до преполовен наталитет и демографски пад

Кога Македонија ја прогласи независноста во 1991 година, во земјата живееја околу два милиона жители – 2 033 964. Првиот официјален попис спроведен по прогласувањето на независноста на земјата е во 1994 година кога земјата брои 1.945.932 жители.  Денес официјалната статистика покажува значително поинаква слика. Трендот на стареење на населението кој е присутен во светски рамки, се забележува и во Македонија. Во периодот од 1994 до 2025 година, учеството на населението на возраст од 0 до 14 години во вкупното население е намалено од 20.2% на 16.2%, а учеството на населението на возраст од 65 и повеќе години е зголемено од 11.7 % на 18.8%. 

Според последниот попис, спроведен во 2021 година, во земјата биле евидентирани 1.836.713 жители, а последната проценка на населението на Државниот завод за статистика, покажува дека на 31.12.2025 година во Македонија има 1 819 074 жители. За десет години бројот на населението во земјата се намалило за 95 813 лица, односно сме изгубиле население колку Куманово.  

Демографската промена особено се гледа кај најмладите. Од вкупно запишани 249 375 ученици во основните училишта во учебната 2000/2001, во учебната 2010/2011 таа бројка се намалува на 204 439 ученици, а во учебната 2020/2021 година на 187 555 ученици. Негативниот тренд продолжува и во учебната 2025/2026 година во основните училишта имаме вкупно 174 040 ученици. За 25 години бројот на ученици во основните училишта е намален за 75.335 ученици, односно за 30,21%.

Природниот прираст, според податоците на Државниот завод за статистика, во 1991 е позитивен и изнесува 9,8 лица на 1 000 жители, додека во 2025 година дражавата бележи негативен природен прираст од -2,4 лица на 1 000 жители. Природниот прираст од независноста на државата е во постојан пад, а по 2019 година имаме негативен природен прираст. 

Стапката на наталитет во периодот од независноста досега бележи тренд на опаѓање и речиси е преполовен. Бројот на живородени на 1 000 жители е намален од 17, 1 во 1991 година, на 13,3 во 2001 година, 11,1 во 2011 година, се до 8,7 во 2025 година. Само во последните десет години во периодот од 2015 до 2025 година, бројот на живородените деца се намалил за 7 225.

Тоа значи дека во Македонија денес се раѓаат и живеат се помалку луѓе од пред 35 години, а демографскиот пад станува економски и општествен проблем.

Дополнително и бројот на бракови споредно со 1994 е намален за една третина, додека разводите се зголемиле за над 250 проценти. Тоа значи дека луѓето се потешко се одлучуваат за стапување во брак, а се полесно се одлучуваат да го поништат бракот.

Според првите статистички податоци бројката на склучени бракови во 1994 година изнесувала 15.736, а на разводи 612, додека во 2025 година склучени се 10 507 бракови и 2 185 разводи. 

Разводите денес се значително почести во однос на бројот на новосклучени бракови. Учеството на разводите во однос на вкупниот број склучени бракови пораснало од 3,9% на 20,8%, што е за 5,3 пати повеќе.

Платата – од недостиг на стабилност до близу 50 илјади денари

Една од најголемите промени во изминатите 35 години е номиналниот раст на платите.

Директната споредба со 1991 година мора да се прави внимателно поради деноминациите, инфлацијата и промените во статистичката методологија. Сепак, разликата во номиналните износи е голема.

Просечната нето-плата по вработен во 1993 година изнесувала 3 782 денари, додека во 2025 година изнесувала 45.198 денари, а последните податоци покажуваат дека таа изнесува речиси 50 000 денари. 

Сепак, просечниот вкупени расположлив приход, по домаќинство, само од 2010 до 2024 година е речиси дуплиран, од околу 280 илјади денари во 2010 година, на речиси 600 илјади денари во 2024 година. 

Но, повисоката плата не значи автоматски и пропорционално повисок животен стандард. Во изминатите 35 години пораснаа и цените, особено на домувањето, храната и услугите. Затоа вистинската споредба не е само „колку денари заработувал човек тогаш и колку денес“, туку колку производи и услуги можел да купи со една просечна плата.

Низ годините пазарната вредност, стабилноста на валутата и цените на производите драстично се разликуваат. Додека во 90-тите години Македонија се соочуваше со хиперинфлација и транзиција, во 2025 година се забележува номинално повисока плата, и стабилен курс, но под притисок од растот на трошоците за живот.

Храната по осамостојувањето е релативно евтина во однос на другите добра, со една просечна плата во 1995 година можеле да се купат околу 750 векни леб или околу 220 литри зејтин, додека денес може да се купат околу 900 векни леб или над 480 литри зејтин. 

Денес технологијата е масовно достапна и поевтина. Со една просечна плата денес можете да купите два телевизори или две машини за перење од средна класа, додека за да се купи телевизор во боја или машина за перење, во 1991/95 биле потребни 2 до 3 цели просечни плати.

За најевтиниот нов автомобил на пазарот во 1991/95 година, на пример Југо Корал 45, биле потребни околу 30 до 33 тогашни просечни плати, додека денес за нов автомобил во економска класа, коишто чинат помеѓу 15.000 и 20.000 евра, се потребни помеѓу 20 и 28 просечни плати.

БДП – мала економија, но значително поголема од почетокот на независноста

Бруто домашниот производ, според податоците на Државниот завод за статистика во 1991 година изнесува 968 милиони денари, во 2000 се зголемува на 248 646 милиони денари, а во 2010 достигнува 437 295 милиони денари. Во 2020 година БДП-то на земјата достигнува 669 280 милиони денари, за во 2025 година да порасне на 1 043 880 милиони денари. 

Според податоците на Светската банка, БДП на Северна Македонија во 2025 година достигнал околу 19,1 милијарди американски долари, а БДП по жител околу 10.490 долари. За споредба, во 1990 година БДП изнесувал околу 4,7 милијарди долари, а БДП по жител околу 2.277 долари, според податоците на Светската банка. 

Бруто домашниот производ од независноста до 1995 годна е негативен, по што следи благ раст и повторно негатива во 2001 година од -3,1%. Македонската економија во просек растела со околу 3,1% годишно во периодот 2002-2019 година, за во 2020 година повторно да се намали за -4,7 проценти, по што повторно следува раст во следните пет години.

Во изминатите 35 години има и значителна промена на структурата на БДП. Така во 1991-та 29.8% од вкупните активности отпаѓале на индустријата и градежништвото, 11.4% на земјоделството, а 56.8% на секторот услуги. Во 2010-та, пак, индустријата и градежништвото опфаќале 24.3%, земјоделството 9.8%, а услугите 65.9%. Во структурата на бруто-домашниот производ во 2024 година најголемо учество од 56.2 % има секторот услуги.  Индустријата и градежништво учествуваат со 24.1 %, а секторот земјоделство со 6.1 %.

Во 2025 година најголем удел во структурата на БДП имаат услугите (57%), потоа индустријата и градежништвото (24,1%), нето-даноците (13%) и земјоделство, шумарство и рибарство (6%).

Тоа значи дека Македонија се трансформирала од економија во која индустријата и земјоделството заедно сочинувале над 40% од активноста, во економија во која услугите се доминантен двигател на растот. Земјоделството речиси го преполовило своето учество, индустријата го задржала уделот околу една четвртина од БДП, а услугите станале главен носител на економската активност и вработеноста. 

Македонија бележи бавно, но континуирано приближување кон просекот на ЕУ по БДП по глава на жител. Нивото на бруто-домашниот производ на Република Македонија, по жител, изразен во волуменски индекси на БДП по глава на жител, во 2005 година е  70% под просекот на Европската Унија, во 2015 година е 63%, додека во 2025 година е 57% под просекот на Европската Унија. Тоа значи дека просечниот жител на ЕУ има повеќе од двојно повисок економски производ по жител од македонскиот.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано