Поддршка од ЕУ за Царинската управа за борба против организиран криминал и недозволена трговија

Царинската управа ќе добие поддршка од Европската Унија во вредност од 4 милиони евра. Возилата финансирани од ЕУ (21 за мобилната единица и 5 за единицата К-9) и форензичката опрема ќе ги зајакнат капацитетите на царината за борба против организираниот криминал што влијае на трговијата и синџирите на снабдување. Со зголемувањето на трговијата, се зголемува и нелегалното движење на стоки, возила и луѓе, што ги прави методите на царинска измама и шверц пософистицирани. Затоа е важно системите за царинска контрола да се зајакнат за да се спречат и откријат царински измами и нелегална трговија со стоки, а воедно да се олесни трговијата и да се постигне вистинско партнерство со деловната заедница.

ИТ опремата е поврзана со надградената серверска просторија во главното седиште на царината, додека софтверот поставува нов унифициран систем на корисници за управување со економските оператори во Северна Македонија, т.е. единствен број за регистрација и идентификација (ЕБРИ) и дигитален потпис. Овие капацитети за царинење финансирани од ЕУ им  ја олеснуваат работата на компаниите со ЕУ. ЕУ е најголемиот трговски партнер на Северна Македонија, сочинувајќи 76% од нејзиниот извоз. Побрзото движење на стоките им помага на бизнисите да се справуваат со царинските процедури поевтино и поефикасно, но исто така ги прави границите побезбедни.

Проектите финансирани од ЕУ имплементирани во корист на Царинската управа изнесуваат 25 милиони евра. Листата на проекти, која го вклучува и царинскиот терминал на граничниот премин Табановце, е дел од барањата за пристапување за усогласување со Царинската унија на ЕУ како единствена трговска зона. Оваа поддршка ѝ помага на царината целосно да се подготви откако границите на земјата ќе станат граници на ЕУ.

Повеќе од истиот автор

Најчитано