Поддршка на МАКЕДОНСКАТА  автомобилска, металопреработувачка индустрија и металургијата, од 1 јули пониски царини за 70 суровини и репроматеријали

Од 1 јули пониски царини за 70 суровини и репроматеријали, најавува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска откако Собранието ги усвои измените на Законот за царинска тарифа. 

– Со законските измени се врши дополнително усогласување на царинските стапки со оние што важат во Европската унија, согласно определбите од Програмата за работа на Владата 2024-2028 година и заложбите за подобрување на конкурентноста на македонската економија. Намалувањето на царинските стапки ќе придонесе за намалување на трошоците на компаниите, особено во преработувачката индустрија и ќе овозможи подобри услови за производство и извоз. Мерката е насочена кон зајакнување на извозната конкурентност на домашните компании, зголемување на инвестициите, отворање нови работни места и обезбедување повисок девизен прилив во државата, велат од Министерството за финансии.

Измените, како што наведуваат, се подготвени во консултација со стопанските комори и претставуваат продолжение на реформите започнати минатата година, кога од 1 јули 2025 година беше реализирано првото намалување на царинските стапки до 50 проценти од нивото на царинските стапки што важат во Европската унија.

– Со усвојувањето на овој закон испраќаме јасна порака дека сме посветени на создавање поконкурентна и поотпорна домашна економија. Од 1 јули компаниите ќе имаат пониски трошоци за набавка на суровини и репроматеријали, што директно ќе влијае врз нивната продуктивност, конкурентност и извозен потенцијал. Нашата цел е македонските компании да имаат услови што се споредливи со оние во Европската унија, да инвестираат повеќе, да отвораат нови работни места и да создаваат поголема додадена вредност во економијата, нагласува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Најавува дека Владата продолжува да спроведува политики кои обезбедуваат предвидливо и поволно деловно окружување и силно партнерство со бизнис-заедницата, со крајна цел забрзување на економскиот раст и обезбедување повисок животен стандард за граѓаните.

Се очекува мерката директно да придонесе за поддршка на автомобилската, металопреработувачката индустрија и металургијата и да има позитивно влијание врз зголемувањето на извозот, девизниот прилив, инвестициите и бројот на вработувања.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано