Во услови на трговска војна со САД, канадскиот премиер Марк Карни ќе присуствува на обраќањето на Урсула фон дер Лајен за состојбата на Унијата во Стразбур на 16 септември, по што ќе следи самит Канада-Европска Унија. Сепак, членството на Канада во ЕУ не е опција. Додека трговската војна со САД повторно се загрева, канадскиот премиер Марк Карни даде уште едно ветување за продлабочување на економското и безбедносното партнерство на неговата земја со Европската Унија.
Неговата изјава дојде откако трговските разговори меѓу Отава и Вашингтон пропаднаа минатата недела, при што Канада ги обвини САД за мешање во нејзиниот суверенитет со барање отстапки за францускиот јазик.
По воведување на американските царини за увозот на некои канадски производи, Канада подоцна објави дека ќе воведе царини од 15 до 50 проценти за повеќе од 700 американски производи, со вкупна вредност од околу 20 милијарди долари (17,2 милијарди евра) од 8 септември.
Откако Трамп се врати на власт во 2025 година и почна сè повеќе да ги напаѓа трговските односи меѓу САД и Канада, Отава постојано се свртува кон Европската Унија, обидувајќи се да изгради стабилен однос со партнер кој дели слични вредности и ставови.
„Оваа есен ќе започнеме интензивни разговори со Европската Унија, втората по големина економија во светот, за да изградиме многу посилно и подлабоко економско и безбедносно партнерство“, рече Карни во понеделник.
Од критични суровини до енергија и одбрана, неколку области од заеднички интерес излегоа во преден план во текот на изминатите месеци, кои веројатно ќе бидат главните теми на самитот Канада-ЕУ оваа есен.
Канада планира да ѝ понуди на ЕУ подобар пристап до нејзините критични суровини. Брисел очајно сака да ја намали својата зависност од Кина, која има монопол врз производството и преработката на ретки метали. Со значителни домашни резерви на литиум, графит и никел, Отава има многу да понуди за да ја вклучи ЕУ во својот синџир на вредност на метали.
Канада би можела да понуди соработка и во областа на енергетиката, која моментално ја извезува во најголем дел во САД.
„Треба да разговараме за поодржлив коридор за снабдување со енергија помеѓу Канада и ЕУ, не само кога станува збор за нафта и гас, туку и за нуклеарна енергија. Енергетските потреби на ЕУ растат, додека нејзиното снабдување со енергија сè уште е во голема мера зависно од увозот“, изјави за Еуроњуз Марк Камилери, претседател на Здружението за трговија и инвестиции Канада-ЕУ.
Една можност би била дополнителна либерализација на трговијата над она што го предвидува постојниот договор. Но, до каде би можела да оди интеграцијата на канадскиот пазар со пазарот на ЕУ?
„Можеме да одиме до нивото на кое е Норвешка, односно до членство во единствениот пазар. Дали Канада сака да оди толку далеку и дали ова е насоката во која сакаат да одат сите европски земји, ќе видиме во наредните недели“, изјави Волф за Еуроњуз.
Норвешка, Исланд и Лихтенштајн заедно со земјите-членки на ЕУ ја сочинуваат таканаречената Европска економска зона (ЕЕА). Членството во ЕЕА подразбира примена на четири основни слободи на ЕУ – слободно движење на стоки, луѓе, услуги и капитал. Тие четири слободи се основа на единствениот пазар, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис








