Од планинско село во близина на градот Триполи на Пелопонез во центарот на Атина пристигна 21-метарска природна елка, која во изминатите денови беше поставена и украсена, а вечерва и официјално „блесна“ на специјална манифестација за осветлување, организирана од општината со што беше означен и почетокот на празничниот период, додека пак атинскиот градоначалник Харис Дукас одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина посочи дека грчката метропола веќе е дестинација и за божиќните и новогодишните празници.
Атина оваа година има една од највисоките новогодишни елки, за споредба лани беше 19 метри, пред две години 20, а во 2023 година 17 метри.
Традиционално, осветлувањето на елката беше проследено со концерт, а Грците, на сите возрасти, го исполнија плоштадот Синтагма и забавуваа во што помогна и пријатното време.
Со одбројување, градоначалникот на Атина, Харис Дука, заедно со водителот Јоргос Лианос и пејачката Марина Спану го притиснаа копчето со кое се осветли не само елката, туку и плоштадот Синтагма и илјадниците светилки, со што се означи почетокот на празничната атмосфера во Атина и се запалија сите сијалички, како на самата елка, така и на околните улици.
Новогодишната елката традиционално е украсена со црвени и златни топки, светлосни украси од плексиглас и илјадници метри светлечки лампиони, а плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент е осветлен со 21.000 метри светлечки украси, односно околу 168.000 лампиони.
Градоначалникот на Атина Харис Дукас посочи дека осветлувањето на елката е „одличен почеток за деновите што следуваат, сè до новогодишната ноќ, а до тогаш се планирани 130 настани на 45 локации во градот.
Истакна дека е планирана манифестација за најдолгата ноќ во годината, на 19 кон 20 декември, спомена дека истиот викенд ќе биде и трката на Дедо Мразовци (Santa Run), за Божиќ и оваа година ќе се одржи „Ноќта на желбите“ со хартиени фенери, и нагласи дека на Синтагма ќе се организира и традиционалната прослава за дочекот на Новата година.
Првата новогодишна елка во Грција за оваа година, како и досега беше осветлена традиционално пред 20-ина дена, во пресрет на празникот Свети Архангел Михаил, во малото планинско село Таксиархис на Халкидики, познато и како селото на елките.
Токму од Таксиархис е и 18-метарската елка во Солун, што свечено ќе биде осветлена следната среда.
Извор/фото МИА








