Американскиот претседател Доналд Трамп денес ја поздрави одлуката на Обединетите Арапски Емирати да ја напуштат Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), оценувајќи дека тоа може да доведе до намалување на цената на нафтата.
„Мислам дека е одлична одлука. Мислам дека ќе ги намали цените на бензинот, цените на нафтата, сите цени. Тие имаат проблеми во ОПЕК“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
Обединетите Арапски Емирати вчера објавија дека на 1 мај ќе ја напуштат Организацијата на земјите производители на нафта ОПЕК и ОПЕК Плус.
Медиумите оценија дека потегот на ОАЕ претставува тежок удар за членовите на ОПЕК и нивниот де факто лидер, Саудиска Арабија, во време кога војната меѓу Соединетите Американски Држави и Израел против Иран предизвика историски енергетски шок и ја наруши глобалната економија.
Трамп претходно го обвини ОПЕК дека „го ограбува остатокот од светот“ со наметнување „високи“ цени на нафтата.
Земјите-членки на ОПЕК произведуваат повеќе од една третина од светските резерви на нафта.
Организацијата е основана во 1960 година, а нејзини земји-членки се: Алжир, Република Конго, Екваторска Гвинеја, Габон, Либија, Нигерија, Ирак, Иран, Кувајт, Саудиска Арабија и Венецуела, а по 2016 година и големиот пад на цените на нафтата, ОПЕК потпиша договори со уште 10 земји производители на нафта: Русија, Азербејџан, Бахреин, Брунеи, Бразил, Казахстан, Малезија, Мексико, Оман, Јужен Судан и Судан, со што се создаде организацијата ОПЕК Плус, пренесува Еуроњуз.
Фото Економија и бизнис





