Од утре стартува примената на посебниот режим на паркирање на паркинг-просторите со кои управува ЈП „Билјанини Извори“ на улиците „Илинденска“, „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“.
Согласно одлуката донесена на последната седница на Советот на Општина Охрид, паркинг-местата на тие улици ќе можат да ги користат исклучиво резидентните жители кои поседуваат соодветна документација за живеалиште, доказ за сопственост или користење на возилото и важечка резидентна налепница. За нив паркирањето ќе биде бесплатно.
Како што информираат од ЈП „Билјанини извори“, паркирањето на обележаните паркинг-места ќе биде забрането за возила без резидентна налепница, а за прекршителите ќе се преземаат мерки согласно правилата за паркирање, вклучително и поставување блокатор на возилото.
Возилата паркирани на необележани површини, на коловоз или на други јавни површини на улиците „Илинденска“, „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“, спротивно на поставената сообраќајна сигнализација, ќе бидат санкционирани од Министерството за внатрешни работи во согласност со законските прописи.
Дополнително, резидентните жители на односните улици до 1 септември годинава ќе можат бесплатно да го користат и паркингот во рамки на Општина Охрид. За добивање дозвола потребно е да се обратат во просториите на ЈП „Билјанини Извори“ и да ја достават потребната документација.
За туристите и останатите посетители на Охрид на располагање ќе бидат паркинг-просторите во Б-зоната, каде што ќе може да се купи и месечен паркинг-билет.
Од ЈП „Билјанини Извори“ потсетуваат и дека дотурот на стока во стариот дел на градот треба да се врши најдоцна до 10 часот, а апелираат до граѓаните, посетителите и туристите да го почитуваат утврдениот режим на паркирање и поставената сообраќајна сигнализација, со цел непречено одвивање на сообраќајот и подобра организација на паркирањето.
извор/фото МИА








