НОВИОТ ЗАКОН ЗА ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ ЈА МЕНУВА ЕНЕРГЕТСКАТА ИДНИНА НА МАКЕДОНИЈА

Усвоен е новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори, со што Македонија направи еден од најзначајните реформски чекори во енергетиката во последните децении. Првпат обновливите извори на енергија се уредуваат со посебен закон, со кој се воспоставува современа, европски усогласена и предвидлива правна рамка за развој на чистата енергија, наведува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

Со усвојувањето на Законот за обновливи извори на енергија, посочува Министерството, Македонија воспоставува современа законска рамка која создава поголема правна сигурност за инвеститорите, нови можности за граѓаните и компаниите, поефикасни институционални процедури и целосно усогласување со европските политики во областа на обновливата енергија.

-Со законот во националното законодавство се транспонираат најновите европски правила, вклучително и Директивата за промоција на користењето на енергија од обновливи извори, чија хармонизација и донесување претставуваат дел од Реформската агенда. Во рамките на процесот на енергетска транзиција се предвидуваат мерки и активности насочени кон диверзификација на економскиот модел преку развој заснован на знаење и поефикасно користење на ресурсите, поттикнување на инвестиции, развој на зелена и паметна инфраструктура, чиста енергија и развој на вештини, како и постепено намалување на зависноста од фосилни горива, соопшти Министерството за енергетика. 

Целта на новото законско решение е да ја зајакне сигурноста во снабдувањето со енергија, да овозможи исполнување на обврските преземени со ратификацијата на Договорот од Париз, да придонесе кон постигнување на националните задолжителни цели за учеството на енергијата произведена од обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија, како и да обезбеди усогласеност со националните стратешки и плански документи од областа на енергетиката, вклучително и Интегрираниот национален план за енергија и клима.

Законот е структуриран во 16 глави со кои се уредуваат надлежностите на институциите, националните цели за обновлива енергија, мерките за поддршка, гаранциите за потекло, статусот на потрошувач-производител, енергетските заедници, користењето на обновливите извори во секторите греење, ладење и транспорт, прекуграничната соработка, лиценцирањето и надзорот.

-Меѓу најзначајните новини е воведувањето на современиот европски механизам двонасочен договор за пазарно порамнување на разликата (Two-way Contract for Difference). Овој модел обезбедува финансиска предвидливост за инвеститорите, гарантира минимален приход за производителите, а истовремено овозможува ограничување на прекумерните добивки во услови на високи пазарни цени, со што се создава дополнителна заштита за граѓаните и стопанството. Законот воспоставува транспарентен, недискриминаторен и конкурентен систем за доделување мерки за поддршка преку повластена тарифа и пазарна премија, овозможувајќи поефикасно користење на обновливите ресурси, привлекување нови инвестиции, поттикнување на претприемништвото, отворање нови работни места и воведување современи технологии, се наведува во соопштението. 

Законот првпат ги уредува и механизмите за нето-мерење (Net metering) и нето-пресметка (Net billing), со што се создаваат услови домаќинствата, компаниите и институциите активно да произведуваат, користат и управуваат со електрична енергија од обновливи извори.

Првпат се воспоставува и јасна правна рамка за формирање и функционирање на граѓанските енергетски заедници, преку кои граѓаните, општините и компаниите ќе може доброволно да се здружуваат за заедничко производство, складирање, потрошувачка и продажба на електрична енергија, како и за реализација на локални енергетски проекти што ќе носат директни економски, еколошки и социјални придобивки.

-Законот дополнително ја зајакнува националната рамка за гаранции за потекло на електричната енергија произведена од обновливи извори. Со неговото донесување се создаваат услови националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО ДООЕЛ да стане полноправна членка на европската Асоцијација на издавачки тела (AIB) и да се приклучи кон AIB HUB – европската мрежа за прекугранична трговија со гаранции за потекло. Со тоа македонските производители на зелена енергија ќе добијат можност нивните гаранции за потекло да бидат признаени и тргувани на европскиот пазар, што претставува значаен чекор кон поголема конкурентност и интеграција во европскиот енергетски систем, информира Министерството. 

Оттаму посочуваат дека по стапувањето во сила на законот, ќе започнат активностите за воспоставување аукциска платформа за тргување со гаранции за потекло, со што системот ќе стане целосно функционален. 


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано