НИСКА РЕАЛИЗАЦИЈА НА СУДОВИТЕ ВО ПРВИОТ КВАРТАЛ ГОДИНАВА, Камбовски: Академијата мора итно да почне да продуцира кадри

Ниската реализација на судовите во првиот квартал од годинава е резултат на повеќе фактори, меѓу кои најзначајни се големиот прилив на предмети и хроничниот недостиг на судии и судска администрација, истакна денеска претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.

– Судовите продуцираат огромен број завршени предмети, но истовремено имаме и огромен прилив на нови. Во услови кога недостигаат судии и административен кадар, крајниот резултат е таков каков што го слушнавте – рече Камбовски.

Тој предупреди дека проблемот е веќе изразен во основните судови, каде недостигот на кадар станува сериозен и директно го забавува процесирањето на предметите. Единствен извор за нови судии е Академијата за судии и јавни обвинители, која, според Камбовски, мора итно да започне со едукација на нова генерација.

– Академијата мора што поскоро да продуцира кадри. Имаме реален проблем во основните судови, а кога унапредуваме судии во повисоките судови, ги празниме основните, а немаме со што да ги замениме – истакна тој, додавајќи дека проблемот е сложен и бара брза институционална реакција.

На седницата, членовите на Судскиот совет кои го изработија извештајот за работата на судовите во првиот квартал информираа дека во скоро сите судови е забележана неажурност, со исклучок на неколку кои работеле со повисоко ниво на ефикасност.

Според извештајот, во најголемиот број судови постои значителен недостиг на судии според систематизацијата, но и недостиг на судска служба, проблем кој, како што беше нагласено, се продлабочува во изминатите години и сериозно го оптоварува функционирањето на правосудниот систем.

Судовите во земјава во првиот квартал од 2026 година работеле со вкупно 271.097 предмети, од кои 137.681 биле новопримени, а 133.416 пренесени како нерешени од претходниот период. Во истиот период биле решени 123.809 предмети, додека на крајот на кварталот останале нерешени 147.288 предмети, покажуваат податоците од Извештајот за работата на судовите во Република Македонија за првиот квартал од годинава.

Според извештајот на Судскиот совет, просечното време за решавање на предметите на ниво на сите судови изнесува 431,22 дена.

Најголем обем на работа имале основните судови, кои работеле со 237.823 предмети, од кои решиле 112.836, а на крајот на периодот останале нерешени 124.987 предмети. Просечното време за решавање на предметите во основните судови изнесува 404,31 ден.

Во Управниот суд во првиот квартал биле во работа 7.366 предмети, од кои биле решени 2.059, а нерешени останале 5.307 предмети. Просечното време за решавање на предметите изнесува 940,77 дена.

Вишиот управен суд работел со 3.515 предмети, од кои решил 779, а на крајот на кварталот останале нерешени 2.736 предмети. Просечното време за решавање на предметите изнесува 1.281,95 дена, што е најдолг период меѓу судовите опфатени во извештајот.

Апелационите судови заедно работеле со 20.535 предмети, од кои решиле 7.087, додека 13.448 предмети останале нерешени на крајот од кварталот. Просечното време за решавање на предметите изнесува 692,61 ден.

Во Врховниот суд во првиот квартал биле во работа 1.858 предмети, од кои биле решени 1.048, а нерешени останале 810 предмети. Просечното време за решавање на предметите изнесува 282,11 дена.

Меѓу основните судови, најголем број предмети биле во работа во Основниот кривичен суд Скопје – 46.300, при што биле решени 24.164 предмети, а нерешени останале 22.136. Во Основниот граѓански суд Скопје биле во работа 30.723 предмети, од кои биле решени 7.635, а нерешени останале 23.088 предмети.

Според податоците за апелационите судови, Апелациониот суд Скопје имал најголем обем на работа со 11.538 предмети, од кои решил 3.712, а на крајот од кварталот останале нерешени 7.826 предмети. Просечното време за решавање на предметите во овој суд изнесува 769,53 дена.

Во извештајот е наведено и дека на подрачјето на Апелациониот суд Скопје основните судови работеле со 112.019 предмети, од кои биле решени 53.053, а нерешени останале 58.966 предмети. На подрачјето на Апелациониот суд Битола во работа биле 52.664 предмети, од кои биле решени 18.788 предмети, а нерешени останале 33.876. На подрачјето на Апелациониот суд Гостивар биле во работа 42.627 предмети, од кои биле решени 25.073, а нерешени останале 17.554 предмети, додека на подрачјето на Апелациониот суд Штип биле во работа 30.513 предмети, од кои биле решени 15.922, а нерешени останале 14.591 предмети.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано