Шефот на европската дипломатија, Каја Калас, ги доведе во прашање причините на Вашингтон за воведување нови царини на стоки од Европската Унија, велејќи утрово дека обвинувањата за недоволно строго спроведување на забраната за принудна работа се неосновани.
„Не можете да го кажете тоа за Европската Унија“, изјави Калас за Ројтерс на маргините на состанокот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Манила.
„Ако го споредите нашето трудово законодавство со она на Соединетите Американски Држави, мислам, имаме платен годишен одмор, имаме многу добри услови за работа за нашите вработени, така што тоа навистина не е основано“, додаде таа.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во петокот воведе нови царини од 10 и 12,5 проценти за стоки од 60 трговски партнери, вклучувајќи ја и Европската Унија, со образложение дека не ги спроведуваат доволно забраните за принудна работа. Мерките стапија во сила по истекот на привремената глобална царина од 10 проценти.
За тоа дали ЕУ очекува да биде вклучена во новите мерки на САД, Калас одговори: „Кој може да следи кога се воведуваат царини и кога се укинуваат? Не, не го очекувавме тоа.“
Фото Економија и бизнис








