Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека градежните работи на проектот за брзата пруга би можеле да започнат во пролетта следната година, откако навреме биле завршени сите потребни студии во рамки на подготовката на проектот.
Во гостување во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, Николоски рече дека шесте студии предвидени за проектот биле доставени до 31 август, согласно утврдениот рок, што, според него, овозможува влез во финалната фаза на подготовките.
-После подолго време, првпат во Македонија се испочитува рок. Имено, сите шест студии требаше да бидат готови до 31 август и ние на истиот датум ги добивме. Што значи дека сега влегуваме во финалната фаза и, ако е сè добро, рокот ќе го запазиме, а тоа е да ги имаме веќе и градежните работи од пролет – рече Николоски.
Осврнувајќи се на договорот за стратешко партнерство со Велика Британија и можните ефекти од политичките промени во Обединетото Кралство врз реализацијата на проектот, Николоски оцени дека партнерството има долгорочен карактер и не зависи од смена на влади.
-Во однос на политичкиот контекст, се работи за пресериозна држава, втора најголема сила во НАТО, држава членка на Советот за безбедност на ООН, и таму овие одлуки не се променуваат со промената на влада – посочи Николоски.
Како потврда за континуитетот на стратешкото партнерство, тој најави дека во втората половина на ноември и на почетокот на декември повторно ќе се одржат средби на високо ниво во Лондон.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








