Владата на предлог на Министерството за финансии, на последната седница, ја усвои Стратегијата за управување со јавниот долг 2027–2029, со изгледи до 2031 година.Со Стратегијата се потврдува определбата за одговорно и внимателно управување со јавните финансии, одржување стабилно ниво на јавниот долг и обезбедување средства за реализација на развојните проекти, соопшти попладнево Министерството за финансии.
Стратегијата предвидува постепено стабилизирање и намалување на јавниот долг, кој според проекциите во 2031 година ќе се намали на 56,1 проценти од БДП и ќе остане под утврдениот праг од 60 проценти од БДП.
Документот ги утврдува насоките за финансирање на буџетските потреби, отплата на претходно преземени обврски и реализација на капитални инвестиции, при што фокусот останува на зачувување на фискалната стабилност и одржливоста на јавните финансии.
– Во следниот период дел од средствата ќе бидат наменети за реализација на тековните инвестиции и инфраструктурни проекти, а дел за сервисирање и рефинансирање на претходно преземени долгови што достасуваат за отплата. Во Стратегијата е наведено дека за отплата достасуваат 500 милиони евра во 2027 година, 700 милиони евра во 2028 година и 500 милиони евра во 2030 година по основ на претходно издадени еврообврзници – соопшти Министерството за финансии.
Среднорочната политика за управување со јавниот долг има за цел обезбедување финансиски средства по најповолни услови, со внимателно управување со ризиците и натамошен развој на домашниот финансиски пазар.
– Со усвојувањето на Стратегијата, Министерството за финансии продолжува со политика на прудентно и одговорно управување со јавниот долг, насочена кон стабилни јавни финансии, поддршка на економскиот раст и сигурно финансирање на буџетските потреби. Имено, согласно последните објавени податоци за нивото на долгот, заклучно со 30 април 2026 година, државниот долг изнесува 51,5 проценти од БДП и бележи намалување од 0,4 п.п. во споредба со состојбата на крајот на март 2026 година. Намалување е регистрирано и во апсолутен износ, односно од 9,473 милијарди евра колку што изнесувал на 31 март, е намален на 9,398 милијарди евра. Јавниот долг согласно последниот објавен податок на крајот на март изнесува 58,9 проценти од БДП – се вели во соопштението
извор МИА








