Македонија, Србија, Грција и Бугарија го забрзуваат енергетското поврзување: Фокус на гасните коридори и сигурноста

Министрите за енергетика на Македонија, Србија, Грција и Бугарија идната недела во Србија ќе одржат втор министерски самит, на кој фокусот ќе биде ставен на конкретни чекори за продлабочување на регионалната енергетска соработка, забрзување на инфраструктурните проекти и зајакнување на сигурноста и отпорноста на енергетските системи.

Средбата е продолжение на првиот министерски самит што се одржа во Атина на 15 мај, кога четирите земји се согласија дека енергетската сигурност, стабилноста и отпорноста на системите не можат повеќе да се гледаат само како национални, туку како заеднички регионални приоритети. Во Атина беше нагласена потребата од подобра прекугранична поврзаност, интеграција на енергетските пазари и побрза реализација на стратешката инфраструктура.

Оттогаш, дел од клучните иницијативи веќе преминаа од планови кон конкретна реализација.

За Македонија, особено значајни се двата гасни интерконектори – со Грција и со Србија.

Интерконекторот Македонија–Грција е еден од стратешките проекти за диверзификација на снабдувањето со природен гас и отворање пристап до повеќе извори и правци преку грчкиот систем, вклучително и LNG инфраструктурата. Проектот има планиран почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за зголемување согласно идните потреби на пазарот, а изградбата на двете страни е во тек со цел проектот да биде завршен во 2027 година.

Истовремено, Македонија веќе направи конкретен чекор кон новото енергетско поврзување со Србија. Во септември беше потпишан договорот за проектирање и изградба на македонскиот дел од интерконекторот, во вредност од 29,4 милиони евра. Делницата на македонска територија ќе биде долга 22,4 километри, со двонасочен проток и капацитет од 1,4 милијарди кубни метри годишно.

Со реализацијата на интерконекторот меѓу Македонија и Србија, двете земји ќе прераснат во важен транзитен коридор за природен гас во регионот. Поврзувањето на јужните извори на снабдување преку Грција со пазарите во Централна Европа ќе овозможи поголеми транзитни текови, нови приходи од користење на инфраструктурата, зголемена енергетска сигурност и дополнителни економски придобивки за граѓаните и стопанството. Истовремено, Македонија по повеќе од три децении ќе ја зајакне својата улога не само како земја потрошувач, туку и како земја низ која ќе се одвива регионален енергетски транзит.

Македонија и Србија стануваат дел од Вертикалниот гасен коридор

Особено значаен чекор во меѓувреме е и проширувањето на Вертикалниот гасен коридор кон Западен Балкан. Во септември НОМАГАС и „Transportgas Srbija“ потпишаа Меморандум за проширување на иницијативата, со што Македонија и Србија се приклучија кон регионалната мрежа што ги поврзува Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Украина и Молдавија.

Целта е да се овозможат поголеми и пофлексибилни прекугранични текови на гас, подобро искористување на постојната инфраструктура и отворање дополнителни можности за снабдување од југ кон север. Во рамките на иницијативата веќе се работи на техничка и комерцијална координација, капацитетите на интерконекциските точки и потребните инфраструктурни инвестиции.

Токму овие теми ќе бидат меѓу клучните на вториот министерски самит – како да се усогласат капацитетите, притисоците и режимите на работа на преносните системи, како да се олесни прекуграничниот транспорт и како регионалните инфраструктурни проекти побрзо да се претворат во функционални енергетски врски.

Од гасна сигурност до модернизација на електроенергетските мрежи

Регионалната соработка нема да биде ограничена само на гасниот сектор.

На вториот самит ќе се разговара и за сигурноста на снабдувањето со електрична енергија, состојбата и подготвеноста на преносните системи, размената на електрична енергија, развојот на обновливите капацитети и складирањето енергија, вклучително и батериски системи и пумпно-акумулациони хидроелектрани.

Ова е особено важно во услови на забрзан раст на обновливите извори во регионот, бидејќи новите соларни и ветерни капацитети бараат посилни мрежи, поголема флексибилност и можност произведената енергија да се складира и пренесува таму каде што е потребна.

Паралелно, четирите земји ќе ја разгледаат и понатамошната интеграција на регионалните пазари на електрична енергија, како и можностите за заедничко справување со ризиците и предизвиците во снабдувањето.

За Македонија, ваквата регионална координација е особено важна бидејќи истовремено се реализираат повеќе стратешки енергетски проекти – од интерконекторите со Грција и Србија, преку приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, до модернизацијата на преносната мрежа и развојот на системи за складирање енергија. Целта на регионалната соработка е инфраструктурните проекти да се реализираат со поголема координација меѓу институциите и операторите.

Вториот министерски самит во Србија ќе биде можност договорените регионални приоритети од Атина да добијат уште поконкретни рокови, координација и чекори за реализација, со заеднички интерес за поголема енергетска сигурност, диверзификација и поврзаност на Југоисточна Европа.

Повеќе од истиот автор

Најчитано