Македонија располага со природни ресурси и домашен експертски капацитет што можат да ја позиционираат земјата како значаен производител на критични минерали, доколку се применат современи европски технологии и се создаде предвидлива инвестициска клима. Ова го оценува деканот на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, проф. д-р Ѓорѓи Димов, осврнувајќи се на проектот за бакарниот рудник „Иловица – Штука“.
Според него, Македонија и северниот дел на Грција се дел од ист металогенски појас, поради што располагаат со слични бакарни лежишта. Како пример го посочува новиот рудник „Скуриес“ на Халкидики, каде веќе се применуваат современи технологии кои, според него, овозможуваат минимално влијание врз животната средина и континуиран мониторинг на сите потенцијални емисии.
„Не гледам зошто не би можеле и ние да го следиме тој пример. Ако отидете да видите во „Скуриес“ веќе две години се подготвува таа нова технологија, која овозможува многу мала емисија, практично нула емисија на загадување, ако можеме така да кажеме. Сите патишта на емисиите се следат, има постојан мониторинг. Тоа се технологии кои се применуваат успешно насекаде во светот. Се она што се прави во овој момент во европските земји во целост треба да се преслика и тука“, нагласува професорот Димов во изјава за Канал 5.
Тој нагласува дека современото рударство значително се разликува од практиките од минатото и дека денешните проекти функционираат според строги европски стандарди за животна средина, безбедност и контрола на производствените процеси.
Дополнително, професорот оценува дека Македонија располага со сопствени инженерски, геолошки и проектантски капацитети за реализација на вакви инвестиции.
„За да се надмине овој страв, да се добие довербата во локалните заедници каде треба да се спроведат тие проекти, мора да се убедат луѓето дека ќе се инсталираат најновите технологии. Релативно сме добро спремни за таа работа, бидејќи значаен дел од металичните рудници веќе на големо спроведуваат такви мерки. Имаме искуство и знаење. И тие како инвеститори и ние како истражувачи, проектанти… Имаме домашни капацитети тоа да го изработиме сами“, заклучи геологот Димов во изјава за Канал 5 ТВ.
Од граѓанската иницијатива „И здравје и работа“ оценуваат дека ваквите експертски ставови се важни при носењето на одлуки за стратешките инвестиции.
„Во едно демократско општество секој има право на мислење, но одлуките што ја одредуваат иднината на државата не смеат да се темелат на претпоставки, стравови или лични убедувања. Очекуваме институциите да ги слушаат оние чија професија е да анализираат и да носат стручни заклучоци – инженерите, геолозите, хидролозите, експертите за животна средина, економистите, научната заедница и релевантните институции, вклучително и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Само врз основа на наука, факти и закон може да се донесуваат одлуки кои се во интерес на граѓаните“, соопштија од иницијативата.
Според економските анализи на инвеститорот, проектот „Иловица – Штука“ претставува една од најголемите гринфилд инвестиции во Македонија, со потенцијал да стане меѓу најголемите извозни компании во земјата, во време кога побарувачката за бакар и другите критични минерали продолжува да расте како резултат на зелената транзиција и индустриската трансформација во Европа.
(комерцијална објава)








