За оние што сакаат да ги истражат балканските земји без да се откажат од удобноста и луксузот, „Балканско искуство“ („Balkan Experience“) нуди несекојдневно искуство.Станува збор за ексклузивно железничко патување што го организира компанијата Голден игл лакшури трејнс (Golden Eagle Luxury Trains), кое ги поврзува Венеција и Истанбул преку некои од највпечатливите дестинации во Југоисточна Европа.
За време на ова несекојдневно патување, патниците минуваат низ Италија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија, пред конечно да пристигнат во Турција. Поточно, рутата на возот започнува од Венеција, а продолжува преку Трст, Постојна, Пула, Риека, Сараево, Мостар, Белград, Софија и Пловдив, завршувајќи во Истанбул.
Концептот на возот е инспириран од златното доба на легендарниот Ориент експрес, кој некогаш бил симбол на престижното патување низ Европа. Поради тоа, ентериерот на возот потсетува на атмосферата од романите на Агата Кристи и на елеганцијата од минатите времиња.Патниците имаат можност да престојуваат во приватни апартмани уредени во ретро стил, додека ресторанските вагони нудат врвно гастрономско искуство. Снежно белите маси, внимателно подготвените специјалитети и шампањот што се служи за време на патувањето создаваат впечаток дека станува збор за престој во луксузен хотел, а не за патување со воз.
„Целото искуство е осмислено така што на патниците ќе им овозможи не само удобност и врвна услуга, туку и можност да ги доживеат природните убавини на Балканот на единствен начин“, напиша Пункуфер (Punkufer.hr).
Патувањето трае 12 дена, а цената на оваа луксузна авантура е од 20 до 50.000 евра, во зависност од избраниот пакет и типот на сместување.Од туристичката агенција информираат дека во моментов се примаат резервации за следното патување, кое е планирано за почетокот на октомври годинава.
„За љубителите на железничките патувања, историјата и врвниот луксуз, „Балканско искуство“ претставува ретка можност да се доживее Балканот на начин што потсетува на едно поинакво време, кога патувањето било подеднакво важно како и самата дестинација“, велат од агенцијата.
извор МИА








