23-ти состанок на Поткомитетот за економско-финансиски прашања и статистика

На 21 октомври во Скопје се одржа 23-тиот состанок на Поткомитетот за економско-финансиски прашања и статистика, во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија. Претставници на Европската комисија (ЕК) дискутираа за неодамнешните случувања со надлежните органи на Северна Македонија. Поткомитетот претставува платформа за размена на мислења на годишно ниво за случувањата поврзани со економски, монетарни и финансиски прашања, како и за тековните предизвици.

Економскиот раст зајакна во 2025 година, достигнувајќи 3,5%, поттикнат од инвестициите и потрошувачката на домаќинствата. Вкупната инфлација се зголеми на 4,1% во 2025 година, како резултат на растот на цените на енергенсите, првенствено поради конфликтот на Блискиот Исток. Таа остана на високо ниво во првата половина од 2026 година, по што се намали во текот на летото, како што почна да забавува растот на цените на храната. Стапката на невработеност во просек се намали на 11,7% во 2025 година, а дополнително опадна и во првата половина од 2026 година. Пазарот на трудот и понатаму се соочува со структурни недостатоци, како што се емиграцијата на квалификувана работна сила, ниските стапки на учество, особено кај жените, како и неусогласеноста на вештините. Салдото на тековната сметка се зголеми од 2,6% во 2024 година на 4,7% во 2025 година, главно поради влошувањето на трговскиот биланс на стоки и намалените секундарни приходи. Фискалниот дефицит во 2025 година изнесуваше 4,3% од БДП. Со ребаланс на буџетот, Владата ја зголеми целната вредност за фискалниот дефицит за 2026 година на 4,1%, со цел финансирање на инфраструктурни проекти. Целната вредност за дефицит од 3%, која е задолжителна според фискалното правило, е одложена за 2028 година. Се предвидува дека растот во 2026 година ќе остане отпорен и ќе биде поттикнат од домашната побарувачка, при што значителен придонес ќе имаат работите на јавната инфраструктура, особено спроведувањето на активностите на патните коридори 8 и 10д. Европската комисија ги поздрави првите забележани позитивни ефекти од пристапувањето на Северна Македонија кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) во 2025 година. Исто така, беше поздравено мобилизирањето на средства за поддршка на деловното опкружување, како и на зелената и дигиталната транзиција. По добриот неодамнешен напредок во исполнувањето на чекорите од Реформската агенда, беа поттикнати дополнително засилени напори, кои, меѓу другото, се однесуваат и на формализирањето на неформалната економија.

Во однос на статистиката, Комисијата ја повтори својата посветеност за поддршка на Северна Македонија и го пофали постигнатиот напредок. Понатаму, ја истакна важноста од донесување на Законот за попис на земјоделството во 2026 година и спроведување на пописот во 2027 година, од обезбедување соодветен кадар и доволни финансиски средства за Државниот завод за статистика, особено за статистички истражувања и иновации, од обезбедување пристап на Заводот до административни и приватни извори на податоци, како и од потребата за континуирано подобрување на Европскиот систем на сметки (ЕСС 2010), особено во однос на статистиката за јавните финансии и постапката за прекумерен дефицит.

Комисијата го поздрави неодамнешното усвојување на Законот за државна ревизија, напредокот во спроведувањето на Законот за јавни внатрешни финансиски контроли (ЈВФК) и го охрабри усвојувањето на сите подзаконски акти во рок од 18 месеци од усвојувањето. Ова беше истакнато како клучно во контекст на Реформската агенда, поради потребата од зајакнати внатрешни контроли. Комисијата повторно ја истакна важноста од обезбедување соодветен кадар во институциите вклучени во јавните внатрешни финансиски контроли, особено во единиците за внатрешна ревизија. Северна Македонија, исто така, обезбеди ажурирани информации за своите планови во однос на надворешната ревизија за претстојната година.

Конечно, во однос на заштитата на финансиските интереси на ЕУ, беше поздравено активното учество на Северна Македонија на Конференцијата на AFCOS, која се одржи на 6 и 7 октомври. Комисијата, исто така, ја поздрави подготовката и усвојувањето на Националната стратегија за борба против измами за заштита на финансиските интереси на Европската Унија 2026–2030 година.

На крајот, Европската комисија ја охрабри Северна Македонија да продолжи со градење на евиденција за пријавување неправилности и за соработка во истрагите.

Повеќе од истиот автор

Најчитано