Копенхаген во Данска, ја задржа титулата најпогоден град за живеење во светот, според Глобалниот индекс на живеење 2026, годишно истражување на Economist Intelligence Unit (EIU) кое го проценува квалитетот на животот во 173 градови низ целиот свет.
Со вкупен резултат од 98 од можни 100, данската престолнина повторно го освои првото место благодарение на највисоките оценки за стабилност, образование и инфраструктура, како и многу високите резултати во здравството и културата.
Виена е на второто место, по што следат Мелбурн, Сиднеј и Цирих. Меѓу првите десет се и Женева, Осака, Аделаида, Ванкувер и Токио, потврдувајќи ја доминацијата на европските, австралиските и јапонските градови кога станува збор за квалитетот на животот.
На спротивниот крај од скалата е Дамаск, Сирија, кој со резултат од 32 е прогласен за најмалку погоден за живеење. По него следуваат Триполи во Либија и Дака во Бангладеш, додека меѓу последните десет се и Карачи, Алжир, Лагос, Порт Морсби, Киев, Хараре и Техеран.
Градовите со најниско рангирање продолжуваат да бидат обележани со војна, политичка нестабилност, сиромаштија или комбинација од овие фактори.
Овогодинешниот извештај покажува дека просечниот квалитет на живот во светот останал во голема мера стабилен, но дека постојат големи регионални разлики зад овој просек. Додека градовите на Блискиот Исток изгубиле поени поради влошување на безбедноста и геополитичките конфликти, многу азиски градови се подобриле благодарение на инвестициите во здравствената заштита.
EIU го оценува квалитетот на животот преку повеќе од 30 индикатори поделени во пет категории: стабилност, здравствена заштита, култура и животна средина, образование и инфраструктура, пренесува Пословни дневник.
Фото Економија и бизнис








