Колку добро ја познаваме Македонија и нејзините туристички потенцијали?

Најголемото богатство не е во изградбата на нови комплекси, туку во зачувувањето на она што веќе го имаме. Камените куќи, старите чаршии, локалните производи, домашното вино, традиционалната кујна, планинските патеки и гостопримството се капитал што не може лесно да се копира.

Има една чудна навика што тешко ја менуваме! Со месеци планираме патување некаде далеку, внимателно ги разгледуваме знаменистостите, го планираме денот во најмали детали, и со возбуда ги броиме деновите до поаѓањето. А во меѓувреме, речиси и не забележуваме дека на само еден или два часа возење од нашиот дом се кријат предели кои би можеле да бидат на разгледниците на секоја европска туристичка агенција.

Места што не се пренатрупани со бетон, во планини што сè уште мирисаат на бор, езерата што ја раскажуваат историјата на вековите и во луѓето што сè уште знаат да го пречекаат гостинот како пријател. Тоа се места кои не би можеле да бидат дел од масовниот туризам, а се посебни и ги карактеризира автентичност.

Последниве години, конечно, почнуваме да гледаме дека домашниот туризам созрева. Се отвораат нови сместувачки капацитети, се обновуваат стари куќи претворени во мали семејни хотели, се развива руралниот туризам, а младите луѓе сè почесто одлучуваат својата иднина да ја градат токму во местата од кои некогаш заминувале.

Тоа не останува незабележано ниту од странците.

Сè почесто низ македонските планински патеки ќе слушнете германски, холандски, полски или француски јазик. Странските туристи не доаѓаат во Македонија барајќи луксуз со пет ѕвезди. Доаѓаат затоа што овде сè уште можат да ја почувствуваат вистинската природа, да седнат на маса со домашна храна, да разговараат со локалните жители и да си заминат со чувство дека посетиле место кое не ја изгубило својата душа.

Токму во тоа е нашата најголема предност.

Малешевијата е еден од тие региони што оставаат впечаток уште при првата средба. Густите шуми, чистиот воздух, планинските патеки и мирот што го нуди овој крај создаваат чувство дека времето тече побавно. Но Малешевијата не е само природа. Таа е и приказна за историјата на овој простор. Виничкото Кале и прочуените теракотни икони сведочат дека овие предели биле значајни многу пред современите туристички мапи да почнат да ги откриваат.

Од другата страна, Преспа е сосема поинаква, но подеднакво магична.

Погледот кон Преспанското Езеро никогаш не е ист. Секое годишно време му дава нова боја, нова тишина и ново расположение.

Не е случајно што токму овие региони сè почесто се појавуваат во програмите на европските тур-оператори. Денешниот турист не бара само хотел. Тој бара приказна. Бара место што ќе го раскаже својот идентитет преку храната, архитектурата, традицијата и луѓето. А Македонија има безброј такви приказни.

Прашањето е дали доволно добро знаеме да ги раскажеме?

Понекогаш најголемото богатство не е во изградбата на нови комплекси, туку во зачувувањето на она што веќе го имаме. Камените куќи, старите чаршии, локалните производи, домашното вино, традиционалната кујна, планинските патеки и гостопримството се капитал што не може лесно да се копира.

Во време кога светот станува сè поунифициран, токму различноста станува најскапата туристичка вредност.

Македонија не треба да се натпреварува со големите туристички сили. Таа треба да остане своја. Затоа што токму тоа ги привлекува странските посетители, чувството дека откриле нешто што сè уште не е откриено од сите.

А можеби најубавото патување е токму она што започнува дома. Патување низ Малешевијата, низ Преспа, низ местата што со векови ја чуваат својата тишина, својата историја и својата убавина. Доволно е само да тргнеме!

Пишува: Влатко Сулев

Најчитано