Во време кога младите сè почесто бараат работа што ќе им понуди динамика, учење, контакт со луѓе и можност за брз професионален развој, туризмот има аргументи како да ги заинтересира и привлече, но и задржи во земјава.
Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO) во своите последни анализи истакнува дека вработените на коишто првото работно место им е во туристичката индустрија, напредуваат побрзо во нивната кариера од другите, заработуваат повеќе, развиваат т.н. меки вештини и продолжуваат со својата понатамошна едукација. Скоро една четвртина од вработените во туристичката индустрија се помлади од 25 години, споредено со 13% од сите други сектори во економијата. Туризмот е исто така важен извор за вработување на жени, 55.9% од вработените во туристичкиот сектор, споредено со 43.2% во целокупната економија
Ова е силен мотив за младите да се вклучат во овој сектор, но истовремено треба да им се доближи туризмот, да ги вклучиме во туристички програми, и важно во овој моемнт да имаат суштински дел во националната стратегија за туризам која периодов се подготвува.
Иако туризмот се соочува со сериозни предизвици, како на пример сезоналност, недостиг од кадар, притисок врз квалитетот на услугата и постојана потреба од прилагодување, тој и понатаму останува една од најотворените врати за младите дипломци и за работниците без големо претходно искуство.
Во иднина кога зборуваме за туризмот, не треба да ни бидат приоритет бројките: колку туристи дошле, колку ноќевања се реализирале, колкав бил прометот, колку е успешна сезоната, туку колку млади се вклучиле во туризмот, и колку наши млади луѓе благодарение на него останале во земјава. На таков начин вложуваме во иднината на нашата земја.
Младите се тие кои имаат потенцијал да креираат добра туристичка приказна и да придонесат за развој на целиот сектор, кој пак има мултипликативни ефекти врз целата економија.
Туризмот за младите нуди широк избор на професии. Од хотелиерство, гастрономија и туристички агенции, до дигитален маркетинг, продажба, управување со дестинации, одржлив туризам, организација на настани и развој на нови туристички производи — спектарот е многу поширок отколку што младите често претпоставуваат. Токму затоа секторот треба да се претстави како простор за кариера, а не како привремено решение.
Иако за многу млади првата работа во туризмот изгледа како привремена станица: работа на рецепција, во агенција, хотел, ресторан, туристички водич, организација на настани или поддршка во продажба, Но токму тие позиции често стануваат најдобра практична школа за градење кариера во туризмот. Во туризмот млад човек многу брзо учи како да комуницира, како да решава проблеми во реално време, како да работи под притисок, како да разбере различни култури и како да ја претвори услугата во искуство.
Тие вештини денес се меѓу најбараните компетенции на пазарот на труд: комуникација, тимска работа, самостојност, емпатија, организација, дигитална писменост и способност за брзо адаптирање. Туризмот ги развива токму затоа што секој ден носи нов гостин, ново барање, нов проблем и нова можност да се покаже професионалност.
Еден од најголемите предизвици за работодавачите во туристичкиот сектор е регрутацијата. Не е доволно само да се објави оглас и да се очекува младите сами да дојдат. Секторот мора појасно да ја раскаже својата вредност: туризмот не е само сезонска работа, туку средина во која може брзо да се напредува, да се стекнат практични знаења, да се изгради самодоверба и да се отвори пат кон менаџерски, претприемачки или меѓународни можности. Глобалните анализи покажуваат дека туризмот е трудоинтензивен сектор со силен потенцијал за вработување на млади луѓе и жени, но и дека токму овие групи честопати се најизложени на нестабилни, нископлатени или привремени позиции, нешто што треба да го смениме.
Ако сакаме туризмот да биде прв избор за новите генерации, мора да го промениме начинот на кој им се обраќаме на младите. Наместо огласи што нудат само позиција и плата, потребни се понуди што објаснуваат што ќе научи кандидатот, како ќе напредува, каква поддршка ќе добие и зошто тоа искуство ќе му вреди и надвор од конкретното работно место.











