КОЈА ЗЕМЈА Е НАЈДОБРА ЗА ПРЕСЕЛБА СО СЕМЕЈСТВОТО?

На новата глобална листа на најпосакувани земји за живеење, заработка и одгледување семејства се најдоа Швајцарија, Исланд, Австралија и Шпанија. Според „Имиграцискиот индекс 2026“ на Ремитли се  рангирани земјите според трошоците за живот, безбедноста, платите, здравствената заштита и квалитетот на животот, откривајќи кои дестинации стануваат најпривлечни за луѓето што бараат нов почеток во странство.

Индексот опфати 82 земји и ги анализираше преку 34 критериуми, вклучувајќи ги трошоците за живот како што се храна, кирија, станбени кредити и куповна моќ, но и култура, образовен систем, ниво на среќа, здравствена заштита, безбедност и заработка.

На овогодинешната листа, Швајцарија го освои првото место, откако беше втора во 2025 година.

„Швајцарија се издвојува по својот исклучителен потенцијал за заработка (прва е во светот во таа категорија), квалитетен здравствен систем, високо ниво на безбедност и голем потенцијал за приход“, се наведува во извештајот.

Се додава дека привлечноста на Швајцарија е дополнително зголемена со добро развиена имигрантска заедница и квалитетна јавна инфраструктура. Високите оценки во нови категории, како што се меѓународни училишта и енергетски капацитет, ѝ го донесоа првото место.

Веднаш зад Швајцарија е Исланд, кој беше на првото место минатата година.

Третото место го зазеде Луксембург, благодарение на неговиот висок потенцијал за заработка, високото ниво на безбедност и одличниот јавен превоз, што го прави многу привлечен за оние кои бараат „стабилност, мобилност и висок животен стандард во срцето на Европа“.

Единствената земја во првите пет што не е од Европа е Австралија, која го зазеде четвртото место благодарение на „отворената имигрантска заедница, добрите можности за заработка и начинот на живот на отворено“.

На петто место е Германија, која е опишана како „сигурен избор за имигрантите кои бараат можности во најголемата економија во Европа, со силна заштита на работниците и долгорочни можности за кариерен развој“.

Топ 10 земји за преселба:

• Швајцарија

• Исланд

• Луксембург

• Австралија

• Германија

• Ирска

• Соединетите Американски Држави

• Данска

• Норвешка

• Шпанија

Кога станува збор за критериуми важни за семејствата – како што се образовниот систем, отсуството од работа по породилно и родителско отсуство, годишните трошоци за грижа за деца и бројот на меѓународни училишта – Шпанија го освои првото место.

Освен Шпанија, само три други европски земји влегоа во топ 10 во оваа категорија: Обединетото Кралство е на осмото место, Исланд на деветтото и Хрватска на десеттото место.

Остатокот од листата на топ 10 е составен од Кина (втора), САД (трета), Шри Ланка (четврта), Обединетите Арапски Емирати (петта), Австралија (шеста) и Бангладеш (седма), пренесува Еуроњуз Србија.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано