пишува: Дејан Станков | Авторот е директор на Државниот завод за статистика
Човечкиот капитал како ограничен ресурс
Човечкиот капитал со знаењата, со вештините, со искуството и со способностите на населението директно влијаат врз продуктивноста, иновативноста и конкурентноста на една економија. Сепак, човечкиот капитал е ограничен ресурс чија достапност зависи од демографските движења, од образовната структура на населението и од условите на пазарот на трудот.
Во услови на стареење на населението, намалувањето на работоспособниот контингент и зголемената мобилност на работната сила, прашањето за расположливоста и квалитетот на човечкиот капитал добиваат сѐ поголемо значење. Недостигот од квалификувана работна сила може да претставува ограничувачки фактор за економскиот раст и развој, дури и кога постојат доволно финансиски и материјални ресурси .
Поради тоа, анализата на состојбите и на трендовите поврзани со човечкиот капитал се од особена важност за разбирање на предизвиците и за можностите со кои се соочува општеството. Во продолжение се презентирани релевантни статистички показатели што овозможуваат подетален увид во овие процеси.
Според статистичките податоци, на крајот на 2024 година, населението во Македонија е 1 822 612 жители. Во периодот меѓу двата пописа на населението, во 2002 и 2021 година, Македонија изгуби околу 9,2 % од своето население или околу 185 илјади жители. Овој неповолен тренд на намалување на населението е резултат на заемното дејство на природниот прираст и надворешните миграции, а притоа е многу поголемо влијанието на надворешните миграции, од кои голем број не се институционално евидентирани. Ако се земе предвид само природниот прираст (без надворешните миграции), населението во 2021 година треба да се зголеми за 2,3 проценти во однос на 2002 година. А бидејќи последниот попис покажа дека населението е намалено за 185 илјади лица во споредба со 2002 година, тоа значи дека за 19 години од земјава се иселиле околу 230 илјади лица.
Започнувајќи од 2004 година, во согласност со ЕУ и со меѓународните препораки за објавување на податоците од областа на виталната статистика, а со цел прикажување пообјективна слика за состојбите, Државниот завод за статистика ја примени методологијата за прикажување на податоците за виталните настани при што во вкупниот број витални настани се вклучени само настаните случени во земјава за разлика од периодот пред 2004 година кога во податоците од областа на виталната статистика биле вклучени и податоци за настаните случени надвор од државава, а кои се однесуваа на македонските државјани. Од тие причини, заради споредливост, во анализата на податоците од доменот на виталната статистика ќе го земеме предвид периодот од 2004 до 2024 година.
Во анализираниот период, од 2004 од 2024 година, како последен расположлив и објавен податок, кумулативниот природен прираст во земјава е позитивен и изнесува 28 070 лица. Во истиот период, 2004 – 2024 година, наталитетот бележи континуирано намалување од 11,5 промили (11,5 раѓања на 1 000 лица) во 2004 година на 8,8 промили во 2024 година. Морталитетот се зголемува како резултат на стареењето на населението. Стапката на морталитетот се зголемува од 8,8 промили во 2004 година на 11,1 промил во 2024 година. Пандемијата на ковид-19 значително го зголеми морталитетот на 12,4 промили во 2020 година и на 15,5 промили во 2021 година.
Двата спротивставени трендови на наталитетот и на морталитетот придонесоа во земјава да се јави за првпат негативен природен прираст во 2019 година, кој достигна кулминација во 2021 година кога е евидентиран негативен природен прираст, т. е. 9 868 повеќе умрени од родени. Согласно со овие податоци, можеме да констатираме дека од 2019 година земјава е во сериозна демографска криза. Истовремено проекциите на населението, според сите сценарија, имаат регресивен тренд во иднина.
Намалувањето на населението има свое влијание и врз состојбите на пазарот на трудот. Во јавноста сѐ почесто се дискутира за недостигот од работна сила на пазарот на трудот и за ограничената мобилност на работниците, и покрај тоа што во 2025 година стапката на активност изнесува 52,5 %, а стапката на невработеност 11,5 %. Ако во рамките на економската теорија природната стапка на невработеност се дефинира околу 5 %, а емпириските проценки за Европската Унија укажуваат на нешто повисоко ниво во интервал од 5 до 7 %, тогаш во национален контекст, согласно со структурните карактеристики на пазарот на трудот, оваа стапка е релативно повисока и се позиционира над просекот на ЕУ. Постојат повеќе причини за тоа. Од една страна, значителен дел од младото население не учествува активно на македонскиот пазар на трудот. Во 2025 година, стапката на активност на лицата од 15 до 29 години изнесува 46,8 % што укажува на неискористен трудов потенцијал. Од друга страна, дел од населението во руралните средини сѐ уште останува надвор од формалниот пазар на трудот поради комбинација од економски, социјални и демографски фактори. Денес сме во ера на дигитализација и на вештачка интелигенција кои ги менуваат карактеристиките на побарувачката за работна сила. Формалната вработеност постепено се поместува од земјоделство, од рударство и од традиционално производство во ИКТ-индустријата, во услугите и во трговијата. Високотехнолошките сектори се прошируваат, додека традиционалните индустрии се стеснуваат. Паралелно со овие процеси, подолг временски период постои јаз меѓу потребите на пазарот на трудот и стекнатите вештини на работоспособното население. Дополнителен предизвик претставува и ограничената мобилност на работната сила која произлегува од комбинација на географски, на институционални и на структурни фактори. Треба да се постигне согласност дека во изминативе години се забележува процес на депрецијација на трудот и паралелна апрецијација на капиталот. Сепак, клучното прашање што се наметнува останува отворено: „Дали динамиката на акумулација и продуктивноста на капиталот се доволно силни за да се компензира и да се надмине намалената понуда на трудот со што ќе се обезбеди одржлива рамнотежа во економскиот раст?“
Да резимираме, намалувањето на бројот на работоспособното население на долг рок влијае врз намалувањето на потенцијалниот производ на економијата. Депопулацијата во основа значи намалување на вложениот труд во македонската производна функција, што го повлекува и потенцијалниот производ надолу. Поради наведениве причини, позиционирањето на демографската проблематика високо на агендата во нашево општество претставува круцијален и неопходен приоритет. Дополнително оваа тема мора да остане во фокусот на државната политика и поради нејзините сериозни економски импликации.
Материјалните суровини и енергијата како ограничен ресурс
Материјалните суровини и енергијата претставуваат основни предуслови за функционирање на економијата и на секојдневниот живот. Нивната достапност и ефикасното користење имаат директно влијание врз производството, економскиот раст и животниот стандард. Меѓутоа, природните ресурси и енергетските извори се ограничени, а нивната расположливост е под влијание на глобалните пазарни движења, на геополитичките околности и на еколошките предизвици.
Во услови на растечка побарувачка и потреба од одржливо управување со ресурсите, анализата на потрошувачката на суровини и на енергенти овозможува подобро разбирање на економските и на развојните предизвици . Во продолжение се прикажани статистички показатели кои даваат увид во состојбите и во трендовите во оваа област.
Во 2024 година, во Македонија се искористени 15 487 илјади тони домашни ресурси. Директните материјални суровини изнесуваат 22 127 илјади тони при што 6 639 илјади тони материјали се увезени, додека 3 106 илјади тони се извезени. Трговскиот биланс изнесува 3 534 илјади тони. Ако ја анализираме домашната потрошувачка на материјали, најмногу се искористени материјали за фосилна енергија (6 980 илјади тони), метални руди и концентрати (5 203 илјади тони), биомаса и производи од биомаса (4 696 илјади тони), неметални минерали (2 139 илјади тони) итн. Домашната потрошувачка на материјали по глава на жител изнесувала 10,40 тони по жител (2024 година). За споредба, просекот на ниво на Европската Унија изнесувал околу 13,35 т/жител.
Енергетските ресурси се тема која има клучно значење за економскиот развој, за енергетската безбедност и за одржливата иднина на нашава држава. Вкупната потребна енергија во 2024 година изнесува 2 542 илјади тони нафтени еквиваленти (‘000 toe). Бруто-примарното производство изнесува 842 илјади тони нафтени еквиваленти (‘000 toe). Увезени се вкупно 1 889 илјади тони нафтени еквиваленти, а извезени се 225 илјади тони нафтени еквиваленти (‘000 toe). Истовремено салдото на резерви изнесувало 35 илјади тони нафтени еквиваленти.
Финалната енергетска потрошувачка во 2024 година изнесува 1 860 илјади тони нафтени еквиваленти при што енергијата е распределена по сектори на следниов начин: сообраќај – 47,6 % (867 319 toe), домаќинства – 26,1 % (476 561 toe), индустрија – 16,9 % (307 863 toe), земјоделство – 1 % (18,7 toe) и останати сектори – 8,4 % (152 373 toe).
Ако ги анализираме индикаторите за енергетската продуктивност, односно износот на економскиот резултат произведен по единица бруто-расположлива енергија во 2024 година, во Македонија се произведени просечно 3,78 евра по килограм еквивалент на нафта. Истовремено во Србија се произведени 2,80 евра по килограм еквивалент на нафта, во БиХ 2,64, во Црна Гора 4, а во Албанија 6 евра по килограм еквивалент на нафта. Просекот на ниво на ЕУ изнесува 10 евра по килограм еквивалент на нафта.
Во однос на учеството на енергијата од обновливи извори, во Македонија учеството на енергијата од обновливи извори во бруто-финалната потрошувачка на енергија во 2024 година изнесува 22 % и е многу блиску до просекот на ниво на 27 земји на ЕУ, кој изнесува 25 %.
Од аспект на соларната енергија, инсталираниот соларен капацитет во Македонија бележи континуиран раст. Во 2023 година изнесуваше околу 548 MW, во 2024 година достигна околу 869 MW, а на крајот од 2025 година се проценува на приближно 1 000 MW (1 GW). Вкупниот инсталиран соларен капацитет во ЕУ во 2025 година изнесува над 400 GW. Анализирано во релативни показатели, по глава на жител, бруто-произведената соларна енергија во ЕУ изнесува 0,91 KW по жител, додека во Македонија 0,76 KW по жител.
Презентираните податоци покажуваат дека Македонија е увозно зависна од материјални суровини, а материјалната потрошувачка по глава на жител е пониска од просекот на ЕУ. Економијата е во голема мера зависна од ресурсно-интензивните индустрии, особено од фосилните енергетски материјали кои составуваат над 32 % од директниот влез на материјали во 2024 година. Висока е зависноста од увезени фосилни горива и метални руди.
Енергетската продуктивност на нашава земја е слична како кај земјите од регионот, но постои простор за подобрување со цел достигнување на просекот на ЕУ.
И покрај прогресивниот тренд во изминатиов период, енергетската искористеност не е целосно оптимална и сѐ уште постои потреба од поголемо искористување на обновливите ресурси. Од аспект на учеството на енергијата од обновливи ресурси во вкупното производство се доближуваме до просекот на Европската Унија. Сепак, постојат примери надвор од Европската Унија што, на долг рок, може да претставуваат релевантна одредница, како што е Исланд, со учество на енергијата од обновливи извори од 79 % и Норвешка со 78 % учество на овие извори.
Од аспект на соларниот сектор, Македонија бележи брз раст. Сепак, споредено со просекот на Европската Унија, сѐ уште има простор за зголемување на интензитетот на инвестициите и на степенот на развиеноста на соларната енергија.
Придонесот на Државниот завод за статистика
Во услови на забрзана енергетска транзиција и на значителен раст на обновливите извори, предизвикот повеќе не се однесува само на изградба на нови капацитети туку и на нивно точно, навремено и целосно статистичко опфаќање.
Државниот завод за статистика обезбедува доволен збир податоци, но се поставува прашањето дали овој збир е доволен за реално да ги измериме и да ги разбереме сопствените енергетски потенцијали.
Истовремено континуирано работиме на унапредување на статистичкиот систем во областа на енергијата, усогласувајќи се со европските и со меѓународните стандарди.
Редовно се објавуваат енергетски податоци преку кои се следат тековите на електричната енергија, на природниот гас, на нафтените продукти и на јагленот. Овие податоци овозможуваат тековен увид во динамиката на енергетскиот сектор и претставуваат важна алатка за следење на пазарните движења и на енергетската стабилност. На годишно ниво, Државниот завод за статистика го изработува енергетскиот биланс, и во природни единици и во тон еквивалент на нафта. Овој биланс претставува сеопфатен приказ на производството, на трансформацијата и на потрошувачката на енергија во земјава и претставува основен документ за анализа на енергетската структура и на ефикасноста.
Државниот завод за статистика веќе ги објави резултатите од спроведената Анкета за потрошувачката на енергенти во услужните сектори за 2025 година. На крајот на месец јуни ќе бидат објавени податоците од Анкетата за потрошувачката на енергенти во домаќинствата, која претставува важен извор на информации за структурата и за обемот на енергетската потрошувачка во домаќинствата и обезбедува основа за донесување одлуки базирани на информации од областа на енергетиката и на социјалната политика. Овие истражувања овозможуваат детални и расчленети податоци, особено за новопојавените енергенти и видови енергии, како и за нивната реална употреба. Воедно тие овозможуваат презентирање на енергетските текови преку статистички бројки, како и добивање нови сознанија за сѐ поголемото значење што ѝ се дава на енергетската ефикасност.
Само со квалитетни, со интегрирани и со методолошки усогласени податоци ќе може реално да го измериме искористувањето на ресурсите и да носиме квалитетни одлуки во процесот на енергетска транзиција.
Економија и бизнис, 15 јуни 2026г.










