Хрватска произведува помалку храна отколку пред влезот во Европската Унија, земјоделската продуктивност е намалена, а увозот на храна расте силно, предупреди Хрватското здружение на работодавачи (ХЗР), велејќи дека продуктивноста, инвестициите и управувањето со земјиштето се клучни за намалување на зависноста од увоз.
„Фокусот беше на повлекување на 10 милијарди евра од пристапувањето во ЕУ и тендерите, а значително помалку на она што Хрватска сака да го произведува. Затоа, не е изненадувачки што вредноста на земјоделското производство во 2025 година е за околу 14 проценти пониска отколку пред пристапувањето во ЕУ во 2013 година и за 25 проценти пониска отколку во 2012 година. Продуктивноста на трудот се намали за околу 19 проценти во споредба со 2013 година и за повеќе од 23 проценти во споредба со 2012 година“, се истакнува во анализата на ХЗР.
Дополнителен притисок создава и силниот раст на трошоците за труд од 12,1 процент во 2025 година, многу пати поголем од растот на вредноста на производството од 2,7 проценти. И покрај зголемувањето на инвестициите, со оглед на стагнацијата на ниската добивка, „постојните инвестиции немаат никаков ефект врз зголемувањето на производството“.
„Стимулациите најчесто не ги добиваат вистинските производители на стоки, туку во голема мера имаат карактер на социјални трансфери“, истакнува ХЗР.
Растот на зависноста од увоз на храна е исто така загрижувачки. Дефицитот во надворешната трговија со земјоделски и прехранбени производи речиси се зголемил тројно од 2013 година на три милијарди евра во 2025 година.
Најголемото влошување се случува кај овошјето и зеленчукот дефицитот се зголемил од околу 205 милиони евра на повеќе од 500 милиони евра годишно. Во 2025 година, Хрватска извезла околу 230 милиони евра овошје и зеленчук, додека увозот достигнал речиси 738 милиони евра, пренесува Пословни дневник.
Фото Економија и бизнис








