Хрватска наскоро добива инвестиција која според големината ќе биде најголема, не само во својата историја, туку и во историјата на цела Средна и Источна Европа. Имено, на подрачјето на Топуско, во Сисачко-мославинската жупанија, ќе се изгради центар за развој и иновации во областа на вештачката интелигенција, познат под работното име Проект „Пантеон“, чија вкупна инсталирана моќност треба да изнесува дури еден гигават. Според неофицијални информации, вкупната инвестиција се проценува на 50 милијарди евра!
Само вредноста на инфраструктурата што ќе се изгради со овој проект и која ќе остане во сопственост на државата – од нови далекуводи и трафостаници до патна и оптичка мрежа – се проценува на околу 500 милиони евра, што е повеќе од цената на Пељешкиот мост, пренесува Јутарни лист.
Точниот износ на вкупната инвестиција и името на водечката личност која го предводи конзорциумот на американски институционални инвеститори ќе бидат објавени во денеска напладне. Најавено е дека повеќе договори поврзани со инвестицијата ќе бидат потпишани на самитот на Иницијативата „Три мориња“ во Дубровник. Но, она што веќе може да се каже е дека нешто слично во овој дел од Европа досега не е изградено.







