Во Собранието ќе се донесе специјален закон за 20 отсто поевтини станови за млади брачни парови и нема да има субвенции за градежните компании, затоа што доволно профит остваруваа со 3.000 евра по квадратен метар, најави вечерва премиерот Христијан Мицкоски.
– Ќе донесеме закон во парламентот во кој ќе ги обврземе. Го разработуваме, денеска имавме состанок со луѓе од мојот кабинет и потпретседателот на Владата и министер за транспорт отприлика за опфатот. Најверојатно ќе биде специјален закон кој ќе дојде во парламентот – рече премиерот Мицкоски во интервју за „Топ тема“ на Телма телевизија.
Во однос на обвинувањата на опозицијата, премиерот Мицкоски посочи дека истите кои до вчера велеа дека Владата ги штитела градежните компании, сега велат дека им се земал профитот.
– Повторно се создава една чудна порака која доаѓа најчесто од медиуми блиски на опозицијата и од самата опозиција. До вчера нè обвинуваа дека ги штитиме градежните компании, од вчера и денеска нè обвинуваат дека ќе го земеме профитот на големите градежни компании. Навистина понекогаш се чудам на пораките кои доаѓаат оттаму и затоа одбивам да ги коментирам – истакна Мицкоски.
За тоа како ќе бидат обврзани градежните компании, премиерот Мицкоски додаде дека 10 отсто од станбената површина е минимумот што ќе бидат обврзани да го овозможат за тие станови, а попустот од 20 проценти за млади брачни парови ќе мора да го овозможат, затоа што спротивно нема да добијат дозвола за градба.
– Во закон ќе биде сето регулирано, репер-цена ќе биде претходната година за таа катастарска општина во којашто се продавани, ќе го извадиме просекот и врз основа на тој просек ќе има попуст 20 проценти, инаку нема да добијат дозвола за градба, многу едноставно. Минимум 10 отсто станбена површина. Сè ќе биде разработено во законот и ќе има упатувачка норма кон подзаконски акти – посочи премиерот Мицкоски.
Запрашан дали ќе се субвенционираат градежните компании за овој попуст, премиерот Мицкоски нагласи дека нема потреба да има субвенција, доволно остваруваа профит по 3.000 евра по квадрат во Скопје.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








