ГЕРМАНИЈА ПРЕД ГОЛЕМА ПЕНЗИСКА РЕФОРМА, германската влада планира да ја намали буџетската поддршка за пензискиот систем во 2027 година

Германија се соочува со сè поголеми предизвици во финансирањето на пензискиот систем, поради стареењето на населението, намалувањето на бројот на вработени граѓани и сè поголемото оптоварување на државниот буџет, пишува Дојче Веле (ДВ).

Во текот на 2025 година, Германија издвои повеќе од 420 милијарди евра за исплата на пензии, од кои дури 127 милијарди евра беа обезбедени од државниот буџет.

Германската влада планира да ја намали буџетската поддршка за пензискиот систем во 2027 година, поради што се очекува зголемување на придонесите што ги плаќаат вработените и работодавачите. Во наредниот период, тие би можеле да достигнат речиси 20 проценти од бруто-заработката.

Демографските промени дополнително ја загрозуваат одржливоста на постојниот систем. Додека во 1962 година, шест вработени ја финансираа пензијата на еден пензионер, денес тој сооднос е само два спрема еден.

Пензионирањето на генерацијата „бејби-бумери“ која следува во наредните години дополнително ќе го зголеми притисокот врз јавните финансии.

Во јуни оваа година, експертската комисија предложи 33 мерки за реформа на пензискиот систем. Меѓу клучните предлози се зголемување на бројот на осигурени лица, продолжување на работниот век, поголема зависност од пазарот на капитал и поттикнување на приватното пензиско штедење.

Воведувањето на нова сметка за штедење за пензиите е планирано за 2027 година, што би овозможило поголема зависност од инвестициите на пазарот на капитал, со пониски трошоци во споредба со постојните финансиски производи.

Сепак, во рамките на владејачката коалиција сè уште постојат несогласувања околу критериумите за предвремено пензионирање.

Германија се соочува со предизвикот да најде рамнотежа помеѓу одржливоста на јавните финансии, товарот врз вработените и работодавачите и зачувувањето на животниот стандард на идните пензионери, пренесува Бизнис.ба.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано