ГАЛИЧКАТА СВАДБА СЕ ОДРЖУВА НА ПЕТРОВДЕН

Во Галичник денеска на Петровден се одржува традиционалната културна манифестација Галичка свадба 2026. И годинава се очекува Галичката свадба да ја проследат бројни посетители од земјава и странство и да посведочат на единственото доживување што го нуди оваа вековна традиција, исполнета со свадбарски обичаи, автентични носии, изворни песни и ора кои претставуваат живо сведоштво за богатото културно наследство на мијачкиот крај.

Галички младоженци се Александар Пендароски и Мартина Михајлова. Годинава се навршуваат 35 години од првата современа Галичка свадба одржана во 1991 година, кога биле венчани родителите на Александар. Нивното учество на Галичката свдба е продолжување на едно семејно наследство и силна поврзаност со Галичник и неговите обичаи и традиција.

Годинешните галички младоженци велат дека изборот да бидат дел од оваа уникатна традиција претставува една од најголемите почести во нивниот живот.

„За мене ова не е само свадба, туку продолжување на една семејна приказна и врска со Галичник која трае со генерации. Особено сум горд што токму годинава, кога се одбележуваат 35 години од свадбата на моите родители во Галичник, ќе имам можност и самиот да бидам галички младоженец“, изјави Александар Пендароски, галички младоженец.

„Галичка свадба е чувство што тешко може да се опише со зборови. Тоа е чест, одговорност и привилегија да се биде дел од традиција која опстојува со векови. Со нетрпение и огромна возбуда ги очекуваме моментите кога заедно со нашите семејства и сите гости ќе ја почувствуваме магијата на Галичник и на уникатните свадбарски обичаи“, изјави Мартина Михајлова, галична невеста.

Покровител на Галичка свадба 2026 е претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, а Министерството за култура и туризам и годинава обезбедува институционална поддршка за одржувањето на манифестацијата, заедно со голем број компании и пријатели на Галичник.

Пивара Скопје и СКОПСКО остануваат главни поддржувачи и партнери на манифестацијата, продолжувајќи го повеќедецениското партнерство кое трае уште од самите почетоци на современата Галичка свадба. Во чест на годинешното издание, Пивара Скопје подготви и специјална лимитирана серија СКОПСКО со визуелен идентитет посветен на Галичка свадба, која ќе биде достапна за сите посетители и ќе претставува уникатен сувенир од овој впечатлив и незаборавен настан.


Повеќе од истиот автор

Најчитано