ФРАНЦИЈА И ГЕРМАНИЈА БАРААТ НОВ МЕХАНИЗАМ ОД ЕУ ЕДНАКВО СИЛЕН КАКО АМЕРИКАНСКИТЕ ТАРИФИ, новата мерка ќе опфати проблеми како што се широко распространети субвенции и ограничувања на конвертибилноста на валутата на одредени земји

Франција и Германија предложија Европската Унија да воведе нов механизам за брза акција против земјите што му штетат на европскиот блок со економски мерки.

Германските претставници изјавија дека на ЕУ ѝ е потребен механизам толку силен како американските тарифи наметнати според Член 301 или ограничувањата на Кина за извоз на клучни минерали.

Новата мерка нема да биде насочена против одредена земја, туку ќе опфати проблеми како што се „дампинг“, широко распространети субвенции и ограничувања на конвертибилноста на валутата.

Во француско-германскиот документ, објавен 10 дена пред самитот на ЕУ во Брисел каде што лидерите ќе разговараат за трговските нерамнотежи со Кина, се вели дека „системските и постојани нарушувања на пазарот“ ја загрозуваат економијата на Европа, особено нејзината индустриска база, и водат до масовни загуби на работни места.

Париз и Берлин веруваат дека ЕУ мора побрзо и поефикасно да ги користи постојните инструменти за заштита на трговијата, со повеќе истраги и поширок пристап што би ги опфатил сите сектори.

Двете земји ја повикаа Европската комисија што е можно поскоро да предложи два нови инструменти.

Првата би имала за цел да ја намали зависноста на компаниите од еден единствен извор на снабдување со клучни ресурси, додека втората би го ограничила пристапот до единствениот пазар на земјите што ги нарушуваат условите за фер конкуренција на пазарот преку политички или економски средства.

Според документот, Европската комисија треба да може брзо да ги активира новите мерки, што, според германските претставници, би можело да значи рок од само неколку дена.

Усвојувањето на новиот инструмент сепак би барало одобрение од земјите-членки и Европскиот парламент, пренесува Б92.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано