Електронската фактура претставува една од најзначајните дигитални реформи што ја спроведува Управата за јавни приходи. Нејзината цел не е само да ја замени хартиената фактура со електронска, туку да воспостави целосно нов модел на дигитална комуникација помеѓу компаниите и даночната администрација. Со оваа реформа создаваме побрзи процеси, поголема правна сигурност, подобра даночна усогласеност и значително помал административен товар за компаниите.
При подготовката на македонскиот модел направивме детална анализа на искуствата од повеќе европски земји. Се определивме за централизиран модел, во кој сите економски оператори ќе комуницираат директно со системот на Управата за јавни приходи во реално време. Компанијата ќе може да ја креира фактурата во својот ERP или сметководствен систем, а компаниите кои немаат сопствено решение ќе можат да ја користат бесплатната веб или клиентска-апликацијата за е-фактура а ќе биде достапна и мобилна апликација каде што ќе може да се врши преглед на издадеите односно примените документи. Фактурата електронски се потпишува со квалификуван електронски сертификат и се доставува до системот на УЈП, каде автоматски се вршат технички и семантички проверки. По успешната валидација, системот ѝ доделува единствен електронски идентификатор – еИФ, со што фактурата станува правно валидна и истовремено му е достапна на примачот.
Една од најзначајните новини што ги воведува системот е задолжителното користење на даночен индикатор при издавањето на секоја електронска фактура. Даночниот индикатор го определува даночниот третман на конкретниот промет на добра или услуги и претставува стандардизиран даночен код кој му овозможува на системот автоматски да препознае како треба да се третира трансакцијата. Преку него се дефинира дали прометот е оданочив со општата или со повластените стапки на ДДВ, дали е ослободен од ДДВ, дали станува збор за промет со право на одбивка – како што е извозот – или, пак, за трансакција кај која се применува пренос на даночната обврска (reverse charge). На тој начин уште при самото издавање на е-фактурата се обезбедува правилна примена на даночните правила, автоматска семантичка валидација на податоците и значително се намалува можноста за грешки при фактурирањето.
Покрај самата електронска фактура, системот овозможува размена и на придружна документација, како што се испратници, повратници и други документи поврзани со конкретната трансакција. На компаниите ќе им биде достапен и PDF-приказ на фактурата за визуелен преглед и печатење, но правно валиден документ ќе биде исклучиво електронската фактура со доделен еИФ. На овој начин обезбедуваме целосна дигитална трага и следливост на секоја деловна трансакција.
За да обезбедиме континуирана комуникација и поддршка, воспоставивме мрежа на даночни агенти, како и посебна електронска адреса преку која секоја компанија може директно да комуницира со Управата за јавни приходи, да постави прашања и да добие стручни насоки или техничка поддршка. Веруваме дека токму непосредната комуникација со компаниите е еден од најважните предуслови за успешна имплементација на реформата.
Од почетокот на оваа година започнавме со тестирањето на системот. Во првата фаза компаниите и софтверските компании го тестираат поврзувањето на своите информациски системи со системот на УЈП преку API-интерфејсите, со што се проверува целокупниот процес на размена на електронските фактури. Дополнително го проширивме тестирањето со веб-апликацијата за е-Фактура, која овозможува во тестирањето да се вклучат и компаниите кои немаат сопствени ERP или фактурирачки системи. Со тоа значително го зголемивме бројот на компании што можат активно да учествуваат во тестирањето и да дадат свој придонес во понатамошното унапредување на системот.
За нас пилот-фазата не претставува само техничко тестирање на софтверот. Таа е процес во кој заедно со компаниите ги тестираме сите деловни процеси, ја проверуваме функционалноста на системот во реални услови и навремено ги идентификуваме можностите за негово дополнително подобрување. Токму затоа повратните информации што ги добиваме од компаниите имаат исклучително значење и претставуваат составен дел од развојот на е-Фактура.
Затоа ги охрабруваме компаниите активно да се вклучат во тестирањето и да ги споделуваат своите забелешки, предлози и препораки за понатамошно подобрување на системот. Нивниот придонес е од особено значење за развојот на систем кој ќе одговори на реалните потреби на деловната заедница.
Економија и бизнис, 15 август 2026г.








