Европската Унија критичните минерали ги третира како прашање на економска и стратешка безбедност. Поради тоа, Брисел охрабрува нови рударски проекти и носи политики што треба да обезбедат сигурно снабдување со бакар, литиум и други важни суровини.
Во Македонија, меѓутоа, проектите како „Иловица-Штука“ и понатаму се соочуваат со отпор и долги процедури, иако земјата располага со значителен руден потенцијал.
Македонија наскоро се очекува да креира сопствена Листа на критични минерални суровини, но и Листа на стратешки минерални суровини. Од она што е познато, државата поседува антимон и бакар. За првиот критичен минерал следува да се спроведуваат детални геолошки истражувања, додека пак за бакарот веќе е потврдено дека има огромни количини на овој метал во Иловица. Но, инвестицијата е во застој, иако побарувачката за бакар на светско ниво расте, а дополнително се очекува да се развие и југоисточниот дел на државата. Инвеститорот предвиде околу 1000 директни вработувања за време на изградбата и 500 работни места во текот на работењето на рудникот, со тоа што предност за вработување ќе имаат луѓето од околината. Околу 2,700 индиректни работни места се проценува дека ќе се обезбедат преку локалните добавувачи кои ќе бидат ангажирани за потребите на функционирањето на рудникот.
Австрија, Италија, Словенија, Словачка и Чешка, преку нивниот План, сметаат дека новиот секторски пристап „би ѝ помогнал на ЕУ да постигне поголем геополитички удар и да се спротивстави на влијанието на Москва или Пекинг“. Во документот, чии делови ги објави Еуроактив, се наведуваат неколку нови сектори кои би можеле да бидат вклучени, како што се транспортот, енергетиката и пазарите на електрична енергија, дигиталниот единствен пазар, стратегиите за конкурентност и политиките за критични суровини.
„Овој пристап би го проширил и зајакнал единствениот пазар, придонесувајќи за геоекономското значење и стратешката автономија на ЕУ, а воедно би ги приближил кандидатите и би помогнал во отпорот од влијанието на трети земји“, се наведува во документот.
Европските директиви кон кои ќе се приклучи Македонија сугерираат да се поедностават и забрзаат процедурите за издавање дозволи за рудници, со цел континтентот да не биде зависен за критични минерали од трети страни. Сепак, домашните еко-активисти, контра европските политики, се заканија дека нема да дозволат ниту еден нов рудник да се отвори. Последно, тоа го направи припадник за здружението „Здрава котлина“, според кого рудник во Македонија не треба да се отвора дури и покрај исполнети еколошки стандарди.
„И да се исполнат сите еколошки стандарди, рудници за металични суровини не треба да се отворат! Толку!“, истакна неодамна Горан Станишљевиќ во емисијата „Директно“.
Главна мета на активистите од ова здружение е и инвестицијата во рудник за ископ на еден од критичните минерали за ЕУ и САД, односно бакарот. Станува збор за најавата за комплексот „Иловица-Штука“, а инвеститорот „Еуромакс Рисорсис“ повеќе пати истакна дека еколози и граѓански активисти шират дезинформации, со кои го уриваат угледот на компанијата која котира на канадската берза. Неодамна и премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со истражувањата за антимон, истакна дека ќе се појават структури кои ќе бараат затворање на рудниците, но без да прецизира кои се тие.
Претходно и заменикот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски оцени дека слоганите од минатото, каков што е „рудници на смртта“, коишто ги користеле одредени структури направиле огромна штета за развојот на државата и долги години тие функционирале бојкотирајќи ги инвестициите во рударството.
„Во сериозни западни држави, дури и во средини коишто не се рурални, туку во урбани средини, рудници за злато и за ретки метали можат да функционираат – ако навистина вложите средства и направите вистинска заштита на животната средина. Тоа овде не резонираше во јавноста. Зошто? За да имаат монопол некои други структури на веќе постоечки рудници од една страна и од друга за да се спречи успехот на една Влада да вложи во сопствениот развој“, истакна Димитровски во емисијата „Заспиј ако можеш“.
Трката за критични минерали оваа пролет ги седна на маса и членките на Советот за безбедност на Обединетите Нации, на иницијатива на САД. Европските и американските претставници настапија усогласено, оценувајќи дека сојузниците не треба да зависат премногу од ниту една земја за „материјали кои се критични за нашите економии и национална безбедност“. Од друга страна, кинескиот претставник, без директно да ги потенцира западните земји, истакна дека „тие треба да се воздржат од усвојување на менталитет на Студената војна и од поттикнување блоковски конфронтации или создавање ексклузивни геополитички мотивирани мали кругови“. Рускиот амбасадор во ООН пак, најави заедничка иницијатива за истражување и ископ на руди во рамки на БРИКС.
(Комерцијална објава)








