Додека Брисел и Вашингтон ги обезбедуваат критичните минерали, македонскиот бакар останува неискористен

Критичните минерали се повеќе не се само индустриско прашање, туку стануваат дел од економските и геополитичките стратегии на најразвиените земји. Последната анализа на Европскиот парламент наведува дека Европската Унија и Соединетите Американски Држави ги интензивираат напорите за обезбедување сигурни синџири на снабдување со минерални суровини.

Во Македонија, меѓу најзначајните потенцијални извори на критични минерали е бакарот. Најголемото познато наоѓалиште е во Иловица-Штука, но проектот сè уште не е ставен во функција.

Стратегијата за минерални суровини 2026–2046 го препознава рударството како сектор со потенцијал за нов инвестициски циклус и дополнителни буџетски приходи. Според документот, проектите Иловица и Плавица би можеле да придонесат со околу 770 милиони евра во јавните финансии.

Од „Еуромакс Ресоурцес“ наведуваат дека инвестицијата во Иловица е проценета на околу 350 милиони евра и дека проектот има потенцијал да стане една од најголемите извозни компании во Македонија.

Инаку, според анализата од Европарламентот во однос на финансирањето на мерките од стратегиите за критични минерали, САД обезбедуваат значително повеќе јавно финансирање од ЕУ.

„Федералните агенции на САД мобилизираат околу 46 милијарди евра, нудејќи флексибилна и широка поддршка. ЕУ обезбедува 5–6 милијарди евра за финансирање на Директивата за критични минерали, потпирајќи се главно на грантови и заеми. Пристапот на ЕУ е исто така побавен и потесен, со ограничено споделување на ризикот и постојани одложувања на проекти што произлегуваат од сложени процедури и тесни грла во процесот на издавање на дозволи“, се потенцира во анализата.

Глобалната конкуренција за критични минерали, како што се додава, ја издига анализата за синџирот на снабдување до стратешки императив.

„Владите, мултилатералните институции и приватните инвеститори сè повеќе признаваат дека можноста за обезбедување и преработка на минерали е прашање на индустриски суверенитет, технолошка конкурентност и геополитичко позиционирање. Растечките геополитички тензии, ограничувањата на извозот и доминацијата на клучните актери, особено Кина, дополнително ги зајакнуваат ризиците од снабдувањето, особено во фазите на обработка. Како одговор, креаторите на политики од двете страни на Атлантикот усвојуваат сè поинтервенционистички пристапи“, се нагласува во текстот.

Во заклучоците е акцентирано дека за разлика од САД, на ЕУ сè уште ѝ недостасува наменски инструмент за гарантирање долгорочни приходи за рудниците и инвеститорите во центрите за преработка. Значаен предизвик се и долгите временски периоди помеѓу геолошките истражувања и производството.

Во случајот со САД пак, се пријавува сериозен недостиг на работна сила. Повеќе од половина од моменталната домашна работна сила во рударството (приближно 221 000 работници) ќе се пензионираат и ќе треба да бидат заменети до 2029 година, додека во 2020 година, имало само 327 дипломирани во областа низ целата земја.


(комерцијален текст)

Повеќе од истиот автор

Најчитано