Општина Центар и оваа година обезбедува летно згрижување за деца до десет годишна возраст, со цел да им излезе во пресрет на семејствата кои во текот на распустот имаат потреба од дополнителна поддршка поради работни обврски, се наведува во соопштението на Општината.
Пријавувањето, додаваат оттаму, почнува од 21 мај, а родителите треба да достават документација согласно критериумите наведени во правилникот.
Станува збор за програма за дневно згрижување на деца од прво до трето одделение, која ќе се реализира во повеќе клонови на градинките „13 Ноември“, „Кочо Рацин“ и „Раде Јовчевски Корчагин“.
Во рамки на програмата, децата ќе престојуваат во безбедна и стимулативна средина, каде преку едукативни работилници, креативни активности и содржини соодветни на возраста, ќе бидат вклучени во квалитетно исполнет летен распуст.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, се додава во соопштението, истакнал дека општината продолжува со мерки што директно им помагаат на родителите и децата.
Бидејќи бројот на места е ограничен и зависи од капацитетите на објектите, Општина Центар ги повикува заинтересираните родители навремено да аплицираат во градинките.
Фото Економија и бизнис








