Украина и Русија најверојатно ќе произведат и извезуваат помалку жито оваа година отколку во претходните години, што би можело да предизвика недостиг од повеќе од една четвртина од светските потреби, пишува украинскиот портал 24.ua.
Русија и Украина се меѓу петте најголеми извозници на жито во светот, а на Чикашката берза, најважниот пазар на пченица во светот, веќе е забележано зголемување на цените од 15 проценти. Украинските аналитичари сметаат дека, доколку ситуацијата не се подобри, цените би можеле да пораснат за дури 25 до 30 проценти.
Овие мрачни прогнози предизвикаа голема загриженост, пред сè кај најголемите азиски увозници како што се Индија, Бангладеш и Индонезија, кои веќе се свртуваат кон пазарите на Австралија, Канада, САД, Романија и Бугарија.
Ситуацијата е особено алармантна во Африка, која увезува големи количини жито токму од Украина и Русија, пишува „Јутарњи лист“.
Русија заработува повеќе од 15 милијарди долари приходи од извоз на жито, додека Украина заработува околу 22 милијарди долари годишно. Сега се проценува дека двете земји би можеле да изгубат најмалку една третина од нивниот сегашен принос ако оваа ситуација продолжи, што сигурно ќе влијае на светскиот пазар на жито.
Според украинскиот министер за земјоделство Тарас Висоцки, доколку пристаништата останат блокирани, околу 30 милиони тони украински земјоделски извоз можеби нема да стигнат до светските пазари.
Висоцки наведува дека, доколку оваа ситуација продолжи, Украина нема да има доволно капацитет за складирање за новата жетва веќе во ноември, додека глобалните цени на храната ризикуваат зголемување од најмалку 25 до 30 проценти, пренесува Бизнис.ба.
Фото Економија и бизнис








