СТОПАНСКАТА КОМОРА СО ЗНАЧАЕН ПРИДОНЕС ВО ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ И РЕФОРМСКАТА АГЕНДА

Стопанската комора, преку поврзување на компаниите со стручните училишта, обука и сертификација на ментори и верификација на работодавачи за практично образование, придонесува за постигнување на индикаторите од Реформската агенда 2024–2027 во областа на човечкиот капитал и образовните вештини. Со своето долгогодишно залагање, придонесува за надминување на недостигот од кадар со соодветнизнаења, вештини и компетенции – еден од клучните предизвици за развој и конкурентност на компаниите.

Од модел што требаше да биде препознаен и прифатен, дуалното образование, денес стана реалност и се воспостави како ефикасен модел за подготовка на кадар за потребите на компаниите. Тоа ја поттикнува интеграцијата на образованието и обуката за стекнување стручни знаења и развој на вештини и компетенции, ја зајакнува врската меѓу образовните институции и реалниот сектор и им овозможува на учениците да се вклучат во работните процеси на реално работно место и да ги поврзат теоретските знаења со практичните задачи.

Резултатите се видливи: бројот на вклучени компании достигна околу 1.000 компании од 3 компании во 2017 година, кои во соработка со училиштата подготвуваат кадар според сопствените потреби. Дуалното образование се реализира во 65 средни стручни училишта, со 875 дуални паралелки, за 140 квалификации во 14 сектори со опфат од околу 13.428 ученици.

Резултатите се видливи: бројот на вклучени компании достигна околу 1.000 компании од 3 компании во 2017 година, кои во соработка со училиштата подготвуваат кадар според сопствените потреби. Дуалното образование се реализира во 65 средни стручни училишта, со 875 дуални паралелки, за 140 квалификации во 14 сектори со опфат од околу 13.428 ученици.

Учеството на учениците во стручното образование достигна 71,8%, над стратешката цел од 70%, поставена во 2019 година.

Овие резултати се поврзуваат со конкретните цели на Реформската агенда која претставува патоказ на Владата за усогласување со стандардите на ЕУ, зајакнување на институциите и добивање пристап до средствата од Планот за раст. Таа предвидува 700 приватни компании да бидат вклучени во дуалното образование до декември 2026 година, како и 3.000 ученици во иницијалното стручно образование, од кои најмалку 30% ученички, да имаат корист од учење преку работа, до јуни 2027 година. Преку мобилизирање на компаниите и поддршка на нивната соработка со средните стручни училишта, промоција на дуалното образование и промоција на соодветни квалификации за поттикнување уписи на ученички за таквите квалификации, Комората придонесува за зголемување на опфатот и за создавање практични можности за остварување на овие цели.

ПРИДОНЕСОТ НА КОМОРАТА СЕ ОДНЕСУВА И НА ОСИГУРУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ПРАКТИЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ

За учениците да стекнат применливи вештини, компаниите треба да располагаат со соодветен стручен кадар – обучени ментори- како и соодветна опрема, алати и материјали, безбедни работни услови и организиран процес на учење во работна средина.

Затоа, значаен дел од активностите на Комората се насочени кон обезбедување доверба на компаниите за поддршката што им ја дава Комората и реализацијата на обуки и сертификацијата на ментори за практично образование кај работодавач. Обуките ги реализираат квалификувани, сертифицирани обучувачи, според Програма за обука на ментори за практично образование одобрена од министерот за образование и наука.

Менторите имаат клучна улога во претворањето на работното место во средина за учење. Тие ги подучуваат учениците, ги водат низ практичните задачи, го следат нивниот напредок и им го пренесуваат сопственото стручно искуство.

Дополнителна потврда за посветеноста и сериозноста на Комората во осигурувањето квалитет е нејзината акредитација како прва институција за реализација на обуки за ментори за практично образование согласно новиот Закон за стручно образование и обука. Со директен ангажман на Комората, досега се обучени и сертифицирани 1.565 ментори во компаниите. Со тоа се зајакнува капацитетот на работодавачите да обезбедат квалитетно учење преку работа и да поддржат поголем број ученици.

Вториот важен сегмент во процесот на осигурување квалитет е верификацијата на работодавачите за реализација на практично образование. Постапката опфаќа проверка на просторните, работните и безбедносните услови, опремата, машините, алатите и материјалите, расположливиот стручен кадар и организациските можности за реализација на практичните задачи согласно образовната програма за квалификацијата што се изучува.

Досега, преку оваа постапка се верифицирани 230 компании и се издадени соодветни решенија. Податоците за верифицираните работодавачи и сертифицираните ментори се достапни на порталот „Пракса“ на Комората.

Овие активности се надополнуваат со залагањето за флексибилни наставни програми и посилна улога на бизнис-секторот во образованието.

Обуката на ментори и верификацијата на работодавачи претставуваат конкретна поддршка за постигнување на индикаторите од Реформската агенда: првата обезбедува кадар што може да ги води учениците низ процесот на учење, а втората потврдува дека компаниите ги исполнуваат условите за практично образование. Заедно со поврзувањето на училиштата и бизнис-секторот, овие активности создаваат основа за поголем опфат на ученици и компании и за поквалитетно практично образование.
Со овие активности, Комората придонесува стратешките определби од Реформската агенда да се претворат во практични резултати – компании подготвени да обучуваат, ученици со применливи вештини и кадар што одговара на потребите на економијата.

Ова ја потврдува тезата на Мартин Кноп, поранешен директор на Делегацијата на Германската комора во Србија, дека „Стопанската комора треба да се занимава и со дуалното образование, од кое сите немаат директна корист, но ако се гледа пошироко, сите имаат корист од добро образувана работна сила, бидејќи тоа би привлекло повеќе инвестиции во земјата“.

Повеќе од истиот автор

Најчитано