ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ | Каде се новите вработени? И што има ЕСГ со тоа?

Каде се новите вработени? И што има ЕСГ со тоа?

пишува: Ана Салтирова Давидовски | Авторот e член на УО на МАЧР • основач на кампањата #ЛиченИЗБОР • автор • НЛП-тренер • тренер за личен и за организациски развој • искусен ЧР-професионалец www.AnaSaltirova.mk

Компаниите денес се соочуваат со сериозен предизвик − да пронајдат и да задржат луѓе кои не само што имаат знаење туку знаат и да го применат во реални ситуации. Ова веќе не е ЧР-предизвик, туку бизнис-ризик.

Пазарот е полн со квалификувани кандидати. Но, сè потешко е да се најдат луѓе кои можат да се снајдат кога нема јасен одговор, кога ситуацијата е комплексна или кога притисокот расте. Овој јаз станува уште повидлив со новите генерации кои влегуваат на пазарот на труд. Генерациите „зет“ и „алфа“ растат во средина со повеќе информации од кога било, но истовремено со помалку простор за развој на некои од клучните животни вештини − справување со фрустрација, носење одлуки во неизвесност, директна комуникација лице в лице. Имаме луѓе кои се технички одлични, образовани и компетентни. Но, кога ќе дојде моментот на притисок, конфликт или неизвесност − токму тогаш излегува на површина она што најчесто недостига. Не знаење, туку вештина.

Комуникација.

Решавање проблеми.

Емоционална стабилност.

Размислување насочено кон решение.

Иако ги нарекуваме „меки“ вештини, нивното влијание е многу конкретно и мерливо.
Лоша комуникација создава конфликти и губење време.

Ниска резилиентност води до професионално прегорување и отсуства.

Слабо решавање проблеми значи бавни одлуки и пропуштени можности.

Недостатокот на меки вештини не е „мек“ проблем. Тоа е директен бизнис-трошок.

Затоа компаниите вложуваат сериозни средства во нивен развој − преку обуки, менторство, тренинзи, лидерски програми. И тоа е потребно. Но, паралелно со ова постои една точка која сè уште ретко ја разгледуваме во компаниите.

Каде започнува развојот на овие вештини?

Образованието нè учи што да знаеме.

Работата нè учи како да примениме.

Но, основата − начинот на размислување, односот кон проблемите, способноста да се справиме со емоции − започнува многу порано.

Дома.

И тука доаѓа една перспектива која ретко ја гледаме како дел од бизнис-стратегија.

Ако дел од клучните вештини се развиваат најрано во домот, тогаш начинот на кој вработените ја живеат својата родителска улога директно влијае на квалитетот на тие вештини, како и на работата.

Со други зборови, не станува збор за личен аспект од животот на вработените.

Станува збор за фактор кој влијае на нивната способност да комуницираат, да решаваат проблеми и да водат. И тука се појавува една реалност која ја игнорираат повеќето компании.

Деловните луѓе често чувствуваат грижа на совест кога станува збор за времето поминато со своите деца. „Сакам повеќе, ама немам време“ е една од најчестите реченици. Но, можеби прашањето не е дали имаме доволно време, туку дали знаеме што да правиме со времето што веќе го имаме затоа што истите тие деловни луѓе имаат нешто што е исклучително вредно − секојдневно искуство од реални ситуации.
Состанок што не поминал како што треба.

Тежок разговор со колега.

Одлука под притисок.

Проблем за кој нема јасно решение.

Ова не се само работни ситуации. Ова се живи лекции. Кога тие искуства се споделуваат со децата − не како совети, туку како разговори − тие стануваат основа за развој на вештини.

„Денес имав ситуација и не знаев што да направам…, па се обидов вака. Што мислиш ти?“

Со едно прашање, детето влегува во процес на размислување. Не учи што да мисли. Учи како да мисли. И тука се случува нешто уште поважно. Родителството не е еднонасочен процес. Не учат само децата. Учиме и ние.

Од лично искуство, некои од вредните перспективи за сложени ситуации сум ги добила од моите деца. Едноставни прашања. Неконвенционални идеи. Свеж поглед.

Истото тоа што компаниите го бараат кога зборуваат за иновација и за креативно размислување.

И тука доаѓаме до една клучна вистина − контекстот се менува, вештината останува иста.

Дете кое учи да се справи со фрустрација, утре ќе се справува со притисок на работа.

Дете кое учи да се обиде повторно, утре ќе гради резилиентност.

Дете кое учи да поставува прашања, утре ќе носи подобри одлуки.

Нема нови вештини.

Само нови ситуации.

Ако ова го погледнеме низ призма на лидерство, станува уште поинтересно.

Родителството е првата и најтешка школа за лидерство.

И ако мислите дека преговарањето е тешко во бизнисот, обидете се да договорите време за спиење со дете.

Таму нема позиција на моќ.

Нема аргументи базирани на авторитет.

Има емоции, врска и потреба двете страни да излезат задоволни. Таму се учи вистинска обострана добивка. А кога еднаш ќе го научиме тоа во најпредизвикувачкиот контекст − родителството − го носиме и во бизнисот.

И тука доаѓа уште еден важен слој. Во време кога технологијата и вештачката интелигенција брзо ги менуваат техничките вештини, она што останува како диференцијација се токму овие човечки вештини.

Комуникација.

Критичко размислување.

Адаптибилност.

Емоционална интелигенција.

Тоа се вештини што не се автоматизираат лесно. И токму тие стануваат конкурентска предност.

Од оваа перспектива, родителството престанува да биде лична тема. Станува стратешка тема, особено кога ќе ја поврземе со ЕСГ.

Компаниите сè повеќе зборуваат за одржливост, за грижа за вработените, за општествено влијание. Но, вистинската вредност се појавува кога овие концепти се преведуваат во конкретни активности.

Кога компанијата го поддржува родителството таа не инвестира во нешто „надвор од бизнисот“. Таа инвестира во сегашни вработени − кои се повеќе мотивирани, повеќе ангажирани и повеќе отворени за учење кога станува збор за нивните деца. А во исто време инвестира и во идните генерации, односно во идните вработени.

Вака поставено, ЕСГ не е иницијатива. EСГ е стратегија за одржливост на луѓето.

Компаниите што го препознаваат ова не инвестираат само во проекти − инвестираат во капацитетот на своите луѓе.

Во практика тоа значи да се создадат структури преку кои оваа поддршка станува дел од системот, а не изолирана корист.

Еден од начините на кој може да се реализира ова е преку иницијативи како #КЛУБзаРодители − простор каде што родителите добиваат алатки и структура како секојдневните ситуации да ги претворат во лекции за развој на клучните животни вештини.

Она што е важно за компаниите е дека ваквите активности не се само поддршка за вработените.

Тие претставуваат и конкретен, мерлив придонес кој може да се интегрира во ЕСГ-извештаите како дел од развојот на човечкиот капитал и од општественото влијание.

И можеби токму таму лежи еден од следните чекори во развојот на сегашните и на идните вработени во компаниите.


Економија и бизнис, 15 мај 2026г

Најчитано