Балканот се подготвува за новата ера на бакарот – Македонија ризикува да остане набљудувач

Бакарот и критичните минерали стануваат ново поле на економска и геополитичка конкуренција во Европа. Земјите од регионот веќе преземаат конкретни чекори за да обезбедат место во европските синџири на снабдување. По најавите за нови рударски капацитети во Грција, и Бугарија ги истакнува амбициите за развој на стратешки рударски проекти.

Наспроти ваквите регионални трендови, Македонија сè уште не го користи потенцијалот на бакарот во Иловица. Според компанијата „Еуромакс Ресоурцес“, проектот би можел да обезбеди производство од над 10.000 тони бакар годишно во период од околу 20 години.

Со оглед на стратешкото значење и високата побарувачка за бакар, реализацијата на проектот би можела да има значително влијание врз домашната економија, пред сè преку зголемување на извозот и подобрување на трговскиот биланс.

Македонија во моментов располага со само еден активен рудник за бакар, „Бучим-Боров Дол“, со годишно производство до осум илјади тони чист бакар. Со постепеното исцрпување на неговите капацитети, прашањето за иднината на домашното производство на бакар станува сè поактуелно.

Од друга страна, надежите во Бугарија дека ќе се позиционираат како регионален лидер кој ќе ја снабдува ЕУ се зголемија откако канадската компанија „Данди металс“ објави дека се пронајдени големи количества на бакар кај рудникот „Челопеч“. Рудникот е стар околу 60 години, а откритието има потенцијал двојно да го продолжи неговиот век на траење. Деталите за капацитетот од геолошките истражувања би биле познати до крајот на годинава.

„Доколку се докаже наоѓалиштето и се идентификуваат големи резерви, компанијата би можела да го обнови својот интерес за производство на бакар, злато и сребро во Бугарија. Ова би значело дополнителни инвестиции и зголемен капацитет. Нашата држава не треба да држи линија на ресурсен национализам, туку да разбере дека може да игра важна улога во ЕУ како земја што експлоатира основни метали како бакар, злато, сребро на сопствена територија, а исто така има и волфрам и манган“, истакна геолошкиот експерт Бојан Рашев за ТВ Блумберг, прецизирајќи дека земјата никогаш не ископувала волфрам, но наскоро може да започне и такви проекти.

Неодамна и директорот на Бугарската рударско-геолошка комора, Иван Митев ја нагласи потребата Бугарија да дефинира национална листа на стратешки суровини и да изгради долгорочна визија за нивниот развој. Според него, мора јасно да се идентификуваат суровините што се од стратешко значење за националната економија и за функционирањето на клучните индустрии.

„Ако сакаме повисока стапка на економски развој, мора да развиеме свои стратешки суровини и проекти. Секторите поврзани со експлоатација, преработка и употреба на суровини сочинуваат речиси 40% од бруто домашниот производ на земјата. Во исто време, Бугарија увезува околу 3 милиони тони суровини годишно во вредност од 1,5 милијарди евра. Тоа се 1,5 милијарди евра што излегуваат од нашата економија. Рударската индустрија честопати останува погрешно разбрана од општеството, иако е основа на многу други гранки и создава висока додадена вредност. Еден рудар создава трипати поголема додадена вредност од просекот за економијата“, потенцира инженерот Митев.

Во меѓувреме, Европската Комисија започна големи промени во политиките, со цел за се забрза домашниот ископ и преработка на критични суровини, ставајќи ја автономијата во срцето на индустриската конкурентност, зелената транзиција и геополитичката отпорност. Во фокус сега е побрзото издавање дозволи за истражување и експлоатација без да се компромитираат високите еколошки стандарди. Неодамнешните геополитички тензии, прекините во синџирот на снабдување и ограничувањата на извозот предизвикаа голем број ранливости во индустриите за електричните возила, обновливите извори на енергија, полупроводниците, одбраната и воздухопловството. Зелената транзиција бара огромни количини суровини и колку повеќе Европа инвестира во обновлива енергија, батерии и електрични возила, толку е поголема побарувачката за бакар, литиум, никел, кобалт и ретки метали.


(комерцијална објава)

Повеќе од истиот автор

Најчитано