Група од 11 земји од Европската Унија се здружија за да побараат крај на „опструктивните“ вета што го парализираа надворешното дејствување на Унијата во последните години, нагласувајќи дека принципот на искрена соработка мора да има предност, пишува Еуроњуз.
„Културата на консензус на Унијата е важен извор на нејзината легитимност. Затоа продолжуваме да се стремиме кон консензус секогаш кога е можно“, велат предлагачите во писмо упатено до високата претставничка Каја Калас.
„Но, исто така мора да се осигураме дека оваа култура на консензус охрабрува заедничко дејствување, наместо да го спречува – во спротивно ќе имаме легитимитет, но не и сила“, наведуваат тие.
Писмото го потпишаа Австрија, Данска, Белгија, Финска, Франција, Германија, Луксембург, Холандија, Романија, Шпанија и Шведска. Германија, најголемата членка, ги предводи повиците за реформа на надворешната политика на Унијата.
„Надворешното дејствување на Унијата се соочува со фундаментално променета средина, обликувана од стратешка конкуренција, растечка нестабилност и обиди за поткопување на меѓународниот поредок заснован на правила“, пишуваат тие во документот, кој им беше испратен и на оние членови кои не го потпишаа.
„Во таква средина, способноста на Унијата да ги брани своите вредности и интереси зависи од тоа дали може брзо и ефикасно да ја мобилизира својата колективна политичка, економска и дипломатска тежина“.
Според правилата на ЕУ, надворешната политика е строго предмет на едногласност, што значи дека една земја може да им ги врзе рацете на другите 26 членки во секое време.
Фото Економија и бизнис








