Турција и Канада договорија стратешко партнерство

Турција и Канада договорија стратешко партнерство

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган и премиерот на Канада, Марк Карни денеска во Анкара договорија стратешко партнерство, што ќе биде фокусирано на трговијата и инвестициите, одбраната и безбедноста, енергетиката и поврзаноста помеѓу луѓето и создавање на работни места со цел да се зголемат можностите за соработка помеѓу турските и канадските компании.

Карни наведе дека стратешкото партнерство има четири столба и ќе вклучува тригодишен акциски план.

– Посеавме семе на нешто ново: стратешко партнерство кое ќе создаде нови можности за нашите работници и бизниси, и поголема безбедност и просперитет за двата наши народа. Со грижа и посветеност, ова ќе расте со генерациите што доаѓаат, истакна Карни.

Тој најави дека канадските и турските преговарачи следниот месец во Анкара ќе ја почнат првата рунда разговори за слободна трговија. Карни додаде дека канадската агенција за извозни кредити „Експорт девелопмент Канада“ (Export Development Canada“ и турската „Ексимбанк“ (Eximbank) ќе потпишат нов договор што ќе им помогне на компаниите од двете земји да соработуваат на проекти во трети земји.

Ердоган го пофали Карни како лидер со „здрав разум и увид“ на светската политичка сцена, истакнувајќи оти двете земји денеска направиле историски чекор за продлабочување на нивната соработка.

– Денеска го надминавме долгогодишниот јаз меѓу Турција и Канада. Сега почнуваме нова ера меѓу Турција и Канада, наведе Ердоган, додавајќи дека двете земји очекуваат да го зголемат обемот на трговијата од сегашните три милијарди долари прво на пет милијарди долари, а потоа на 10 милијарди долари.

Иако трговијата помеѓу Канада и Турција е мала – Турција учествува со помалку од 0,3 проценти во вкупната трговија со стоки на Канада, или 4,34 милијарди канадски долари (2,76 милијарди евра) – билатералната трговија се зголеми за речиси 50 проценти во изминатите пет години.

Канада во 2024 година ги укина контролите врз извозот на оружје од Турција, вклучително и оптичката технологија што се користи во беспилотните летала, која Анкара ја извезува во десетици земји. Канада главно извезува леќи, авиони и електроника во Турција, а увезува медицински помагала, рибарски бродови, авионски мотори и накит.

Канада потпиша повеќе од 20 трговски договори во изминатата година како дел од напорите на Карни двојно да го зголеми извозот надвор од САД во текот на следната деценија. Сепак, околу 70 проценти од извозот на Канада е во САД.

Повеќе од истиот автор

Најчитано