ОСТАНУВААТ ШЕНГЕНСКИТЕ ПРАВИЛА ЗА ТРАНСПОРТЕРИТЕ ОД БАЛКАНОТ, одговор од Европската комисија

Зграда на ЕУ во Македонија

Европската комисија во вторник изјави дека Шенгенските правила нема да се променат, иако службениците во институцијата се свесни дека одредени категории, вклучувајќи ги и камионџиите, се соочуваат со проблеми при влегување и излегување од европските земји кои се дел од зоната на слободно движење.

„Свесни сме дека за одреден број експерти од трети земји кои не се прекугранични работници, потребно е да имаат пристап до Шенген зоната повеќе од 90 дена во период од 180 дена. Ова важи за професии кои бараат висок степен на мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеи“, рече Маркус Ламерт, портпарол на Европската комисија, на редовната прес-конференција.

Неколку стотици камионџии протестираа во понеделник во Сараево, Белград, Подгорица и во Скопје, пред зградите на делегациите на Европската Унија во тие градови. Компаниите за патен транспорт бараат решение за прашањето на нивниот престој и работа во ЕУ, односно професионалните возачи да добијат услови за престој прилагодени на спецификите на нивната работа.

Проблемот со патните превозници започна со почетокот на примената на Системот за влез и излез (EES) во Шенген зоната. Станува збор за автоматизиран ИТ систем кој го заменува рачното печатирање на пасошите за граѓаните на земјите надвор од ЕУ кои влегуваат во Шенген зоната. Системот беше делумно воведен во октомври 2025 година, а е целосно оперативен од април оваа година.

Главниот проблем за камионџиите не е само земањето биометриски податоци на границата, туку и строгото компјутерско следење на правилото за максимален престој од 90 дена во рамките на кој било период од 180 дена (правилото 90/180). Бидејќи системот EES автоматски регистрира пречекорување на дозволениот престој, професионалните возачи, поради природата на нивната работа, можат да ги искористат овие 90 дена за само два до три месеци, по што повеќе не можат легално да влезат во Шенген зоната, што ги загрозува нивните работни места и целата логистика, пренесува РСЕ.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано