АмЧам: Реформите, иновациите и меѓународните стандарди се предуслов за подобра здравствена заштита

Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) ја одржа петтата здравствена конференција „Healthcare in a New Global Reality“ („Здравството во новата глобална реалност“), посветена на иднината на македонското здравство и потребата од ефикасни и одржливи системски промени. Конференцијата ги обедини претставниците на институциите, деловната заедница и меѓународните експерти во дискусија за клучните предизвици и можности за развој на здравствениот систем.

Во фокусот беа модернизацијата на законската рамка за лекови и медицински средства, усогласувањето со меѓународните стандарди и дигитализацијата на здравствените услуги. Посебно внимание беше посветено на институционалната подготвеност, поефикасното управување со ресурсите и потребата од долгорочно планирање, со цел да се обезбеди подобар пристап до современи терапии и поквалитетна здравствена заштита.

Конференцијата ја отворија Александра Ивановска, членка на Одборот на директори на АмЧам, и Бредли Гарднер, раководител на Секторот за политички и економски прашања во Амбасадата на САД во Северна Македонија. Со посебно видеообраќање се вклучи и Оливер Вархеји, европски комесар за здравство и благосостојба на животните.

„Време е здравствените иновации да ги препознаеме онакви какви што навистина се: капитална инвестиција во темелите на една модерна економија“, истакна Александра Ивановска. Таа ја нагласи потребата од долгорочни здравствени политики, поголеми вложувања во превенцијата и раната дијагностика, како и создавање услови за побрза примена на иновациите. „Здравството повеќе не е само национална или социјална тема, туку станува прашање на глобална конкурентност, геополитичка отпорност и економска сигурност“, порача Ивановска.

Централната панел-дискусија „Од усогласување со ЕУ до флексибилен здравствен систем“, модерирана од Валентина Митрова, претседателка на Комитетот за здравство при АмЧам, ја водеа министерот за здравство Сашо Клековски, в.д. директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински, Викторија Механџиска од Зегин, Ричард Џонс од Lenis Group и Мадс Вегерби Лаустен од Novo.

Во дискусијата беше нагласено дека напредокот на здравствениот систем зависи од конкретни подобрувања во неговото функционирање, преку побрзи и попредвидливи постапки, подобра координација и дигитална поврзаност меѓу надлежните институции. Особено значајни се поедноставувањето на административните процедури, избегнувањето на непотребното повторување на документацијата и поголемата ефикасност во односите меѓу институциите и деловниот сектор. Во тој контекст беше истакната и важноста од користењето на веќе спроведените стручни оценки на меѓународните регулаторни тела, како ЕМА и FDA, како и од развојот на дигиталните здравствени услуги, вклучително и електронските рецепти и развој на дигитални аптекарски услуги. За остварување на овие цели, неопходно е долгорочно буџетирање и навремена реализација на предвидените мерки.

Можностите што ги отвораат новите технологии дополнително ги претстави меѓународниот експерт проф. д-р Коен Кас од Универзитетот во Гент. Во предавањето „Every Number Tells a Story: How Data and AI Can Transform Our Health“, тој се осврна на тоа како анализата на здравствените податоци и примената на вештачката интелигенција можат да овозможат порано препознавање на здравствените ризици, попрецизна дијагностика и избор на терапии приспособени на индивидуалните потреби на пациентите. Притоа, новите технологии отвораат можности и за промена на животните навики, преку поголема свесност за сопственото здравје и поттикнување поздрав начин на живот. Посебно внимание посвети на преминот од систем што претежно реагира на веќе појавени заболувања кон здравство насочено кон превенција и навремена интервенција, со потенцијал за подобри резултати и поефикасно користење на ресурсите, особено во помалите здравствени системи.

Со оваа конференција, АмЧам ја потврди својата посветеност кон поттикнување на дијалог и соработка меѓу јавниот и приватниот сектор, во насока на развој на одржливи здравствени политики и конкретни решенија. Во услови на забрзани глобални промени, ваквата соработка е важна за практично остварување на здравствените приоритети, примена на иновациите и создавање здравствен систем што ќе обезбеди подостапни услуги, поквалитетна грижа и подобри здравствени резултати за граѓаните.

Повеќе од истиот автор

Најчитано