Финансии / Банкарство
МЕГА ИНТЕРВЈУ | Санел Кустурица: 200 ГОДИНИ ТРАДИЦИЈА ШТО СОЗДАВА ИДНИНА
Мега интервју со Санел Кустурица, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | 01 октомври 2025г.
Во ова мега интервју разговараме со господин Санел Кустурица, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, кој го отвора погледот кон иднината на банкарството, истовремено црпејќи мотивација од 200-годишната традиција, стабилноста, искуството и посветеноста кон заедницата, во годината кога Штаермеркише Шпаркасе групацијата одбележува голем јубилеј − два века успешна работа на европските пазари.
Тој зборува за улогата на банките во современата трансформациска ера, како и за визијата и стратегијата на Шпаркасе Банка АД Скопје за иднината. Фокусот ќе биде на иновации, на дигитална трансформација, на развој на вработените и на општествена одговорност − теми кои ја обликуваат банката како сигурен партнер на луѓето и на заедницата.
Сведоци сме на сè почести трансформации на различни индустрии. Дигитализацијата, вештачката интелигенција и променливите потреби на клиентите веќе драстично менуваат индустрии, а неминовно е дека и самата банкарска индустрија минува низ тој процес. Со оглед на ова, какви трансформации ги очекуваат банките во иднина и како ќе се менува нивната улога спрема клиентите?
С. Кустурица: Иднината на банкарството е хибридна. Таа ги комбинира традиционалната доверба и стабилноста со современи, персонализирани совети, иновации, дигитални платформи и интегрирани услуги.
Традиционалното банкарство некогаш се базираше на конзервативен модел, со примарна улога на кредитор и чувар на парите, обезбедувајќи стабилност и сигурност, ретко нудејќи активна поддршка при планирање на финансиската иднина. Современото банкарство денес се трансформира во динамичен, мултифункционален систем кој ги става луѓето во центарот, комбинирајќи стабилност со иновација и традиционална доверба со персонализирани услуги.
Денес банките, вклучително и Шпаркасе Банка, стануваат вистински партнери на клиентите. Тие не само што обезбедуваат финансиски услуги туку и нудат советодавна експертска поддршка при управување со финансии, инвестициски одлуки и долгорочно планирање. Со ова банките им помагаат на клиентите да ги разберат и да ги управуваат поефикасно своите финансии со цел да обезбедат стабилна и одржлива финансиска иднина за себе. Ова особено се однесува на младите генерации и на претприемачите кои бараат брзи, дигитализирани, но истовремено сигурни решенија за своите потреби.
Покрај советодавната улога, финансиското здравје и едукацијата стануваат сè поважни. Затоа ние инвестираме во развој на нашите вработени и во создавање и имплементирање алатки и програми за финансиска едукација на клиентите, советување за управување со лични финансии и планирање на инвестиции, со цел тие да можат да донесат паметни одлуки засновани на реални информации и на индивидуални потреби.
Паралелно со овие два клучни предводници на современото банкарство, улогата на банките се проширува и надвор од класичните услуги. Денес банките активно се вклучуваат во инвестициско банкарство, банкоосигурување и понуда на дигитални иновации и на решенија, создавајќи интегрирани услуги кои носат реална дополнителна вредност за клиентите. Ова им овозможува на клиентите да добијат целосен финансиски екосистем кој одговара на различни аспекти од нивниот живот и бизнис со што банките стануваат вистински партнери во остварувањето на нивните цели.
Доаѓате од групација која оваа година одбележува 200 години од своето постоење или, поинаку кажано, групација која има два века искуство и стабилност во работа на европски пазари. Имајќи ја предвид европската експертиза и развојот на матичната банка, може ли да ни кажете како таа големина и стабилност влијаат на Шпаркасе Банка АД Скопје?
С. Кустурица: Да се биде дел од групација која одбележува 200 години постоење е голема чест и одговорност. Штаермеркише Шпаркасе, основана во 1825 година во Грац, Австрија, е симбол на доверба, на стабилност и на долгорочна посветеност, со речиси 3 милиони клиенти, 195 експозитури и деловни згради низ Европа.
За Шпаркасе Банка, која речиси две децении е присутна на македонскиот пазар, ова 200-годишно искуство значи дека локално настапуваме со јасна визија и внимателно дефинирана стратегија, но со европска експертиза, поткрепени со модел кој успешно опстојува низ различни економски циклуси и предизвици. Тоа ни овозможува да ја градиме нашата позиција како стабилен и сигурен финансиски партнер за сите наши клиенти − да бидеме прв избор за младите луѓе кои ја отвораат својата прва сметка, за семејствата кои инвестираат во свој дом, за малите претпријатија кои се развиваат, но и за големите компании или корпорации со амбиција за раст.
Денес Шпаркасе Банка има 160 000 активни клиенти, меѓу кои 40 000 млади лица, што ја прави нашата банка број 1 банка во сегментот млади клиенти. Дополнително, нашата позиција како пазарен лидер во зелено финансирање со повеќе од 40 % пазарен удел на македонскиот пазар го потврдува нашиот стратешки фокус на одржлив развој и на иновации. Нашата позиција како пазарен лидер во зелено финансирање се поткрепува со инвестициските заложби на ниво на целата групација во проекти за зелено финансирање во износ од 900 милиони евра, што ја потврдува нашата стратешка ориентација на локалниот пазар кон одржлив развој и иновации.
Ќе нагласам дека бескрајно сум горд што сме дел од една ваква моќна приказна од два века, но уште повеќе сум благодарен што таа приказна ја пишуваме заедно со нашите вработени. Без нив оваа банка не би била тоа што е. Овие 200 години традиција се голем потсетник дека довербата се гради долго, а се чува секој ден. Иако не можеме да предвидиме точно каква ќе биде иднината, искуството од 200 години покажува дека вербата во секој поединец е најголемиот двигател за напредок.

Кои се клучните насоки во кои Шпаркасе Банка ја трасира својата стратегија за наредниве години? Во услови на динамични економски и технолошки промени, кои се клучните приоритети што ќе ја одбележат нејзината трансформација во наредниве години?
С. Кустурица: Во време на забрзани промени и големи очекувања, Шпаркасе Банка ја гледа иднината како можност за создавање поголема вредност – за клиентите, за заедницата и за нашите луѓе. Нашата стратегија за наредниве години се темели на пет јасни столбови: клиентите, квалитетот на услугата, дигиталната трансформација, поддршката на заедницата и нашите вработени. Целта е да обезбедиме долгорочен и одржлив раст додека ја зајакнуваме нашата пазарна позиција.
Во корпоративниот сегмент, нашите стратешки приоритети се финансиска и експертска советодавна поддршка за здрав раст на големи, на средни и на мали компании. Особено сме горди на водечката улога во зелено финансирање на проекти, со пазарен удел од 40 % што го спомнав пред малку, како и на поддршката на локалните бизниси. Повеќе од 80 % од 200-те најуспешни компании во земјава се наши клиенти со што се потврдуваат довербата и квалитетот на нашите услуги. Во последниве четири години, нашето корпоративно портфолио порасна за над 53 %, што значително го надминува растот на пазарот.
Во сегментот за население, стратегијата во наредниве пет години се фокусира на квалитетот на услугата, на дигиталната трансформација и силен фокус на младата генерација − клучни три сегменти на нашата иднина.
Сето ова укажува на тоа дека е потребна стратегија што вклучува човечката интеракција, но и дигитални решенија. Во Шпаркасе Банка гледаме на дигиталната стратегија како на моделот „дигитално прво, управувано од човекот“ (digital first, human powered). Тоа значи дека ја ставаме технологијата во прв план, но со човечки допир таму каде што е најважно − во советувањето, во довербата и во долгорочниот однос со клиентите.
Наспроти ова, многумина мислат дека дигиталната ера ќе ги „избрише“ експозитурите. Но, реалноста е поинаква. Традиционалниот шалтерски модел е во повлекување, а на негово место доаѓа нов тип на модел „искуство во експозитура“ (branch experience), каде што технологијата и советувањето се интегрирани како во архитектонска така и во функционална и еколошка смисла.
Ако зборуваме за четвртиот и за петтиот столб на нашата стратегија, тогаш зборуваме за Шпаркасе лајф (Sparkasse Life), платформата за општествена одговорност, која игра клучна улога во тоа како Шпаркасе Банка ја гради својата улога како партнер на луѓето, на општеството и на иднината. Таа се базира на четири јасно дефинирани стожери: заедница, финансиска едукација, грижа за животната средина и грижа за вработените. Затоа банката во рамките на својата петгодишна Стратегија 2025 − 2029 ќе инвестира над 500 000 евра во општествено одговорни проекти.
Грижата за заедницата не е само EСГ-активност, туку наш стратешки пристап кој ја води банката во градење на одржливо секојдневие. Воведуваме енергетски ефикасни решенија: инсталираме фотоволтаични системи во различни градови, поставуваме станици за полнење на нашите електрични и хибридни возила, а веќе имаме и експозитури кои се целосно енергетски независни.
Исто така особено сме горди што сме единствена банка во земјава која разви целосно бесплатна и сертифицирана платформа за финансиска едукација за млади − прва од овој вид и достапна за сите. Нашата цел е да изградиме генерации кои се свесни и се способни да носат одговорни финансиски одлуки, поставувајќи темели за стабилно и за одржливо општество.
Во Шпаркасе Банка веруваме дека луѓето се нашата најголема вредност, а нашата посветеност е насочена кон нивна поддршка, личен и професионален развој и создавање еднакви можности за сите. Половина од членовите на Управниот одбор и над 60 % од вработените се жени. Само минатата година вработените поминаа речиси 12 000 часови во обуки, со пристап до европска експертиза и најдобри практики, за да создадеме генерации лидери кои ќе ја водат банката и ќе го водат општеството напред. Веруваме во иднината затоа што веруваме во луѓе со големи идеи, па затоа нашата сила секогаш ќе биде во тимот, во знаењето и во визијата што ја градиме заедно.
Во рамките на нашата стратегија, инвестираме и во капитални проекти кои ја менуваат динамиката на работењето. Ја најавувам изградбата на новата деловна зграда како еден од најзначајните чекори од нашата петгодишна стратегија не само како инфраструктурен проект туку и како инвестиција која позитивно ќе влијае на задоволството на нашите вработени. Ваквите инвестиции во современа работна средина се директна потврда дека веруваме во луѓето и во нивната улога во иднината на банката.
Дигитализацијата и вештачката интелигенција денес се во фокус, ги идентификуваме како двигатели на промени и на нови перпективи, но истовремено често слушаме и дека предуслов за нивна имплементација е добра подготовка од страна на компаниите. Што значи сето ова за банкарството?
С. Кустурица: Сите знаеме дека технологијата напредува со светлосна брзина. Она што вчера беше иновација, денес веќе е стандард. Затоа нашата дигитална стратегија во Шпаркасе Банка не почнува со прашањето: „Која е најновата технологија која треба да ја примениме?“, туку започнува со едно многу поедноставно, но суштинско прашање: „Што му треба на нашиот клиент денес?“
Повеќе од јасно е дека на клиентот му е потребно сите свои банкарски операции да може да ги завршува од удобноста на својот дом. Затоа правиме значајна стратешка инвестиција од над 10 милиони евра во дигитална трансформација, со цел да им овозможиме на клиентите да управуваат со своите финансии во секое време и од каде било. Паралелно со воведување на дигитални алатки и на решенија се вложуваат и значајни финансиски средства за заштита на податоците на клиентите и за безбедност на информациите.
Во нашата групација дигиталната стратегија се фокусира на „Мобилното владее“ (Mobile is KING), Затоа, ние како банка веќе овозможивме онлајн интернет-услуги кои може да се завршуваат само со користење на паметен телефон. Со полна доверба и едноставност денес клиентите можат да ги ажурираат своите податоци онлајн, да отвораат депозит онлајн, да извршуваат различни форми на плаќања, а наскоро и да аплицираат за кредит преку интернет. Во таа смисла, мобилната апликација денес е многу повеќе од „трансфер на пари“.
Секако, кај дел од јавноста сè уште постои одреден страв од тоа што носи дигитализацијата, што значат дигиталните услуги и производи, па можеби и како се користат. Затоа дигитализацијата не е само технолошко прашање, тоа е и културна и општествена трансформација за која треба постојано да се зборува и постојано да се работи на нејзина забрзана имплементација.

Но, како и секоја работа во компаниите, и ова мора да го направат луѓето. Одговорноста е кај нас. Секогаш човечкиот капитал е најважен. Затоа луѓето остануваат центар на трансформацијата, без нив нема вистинска дигитална вредност. Знаете, технологијата се менува, алгоритмите се менуваат, но очекувањата на луѓето како доверба, сигурност, грижа, остануваат исти.
Од друга страна, пак, нашите луѓе мора да бидат мотивирани и добро обучени за да се направи ваква промена. Затоа ние во Шпаркасе Банка најмногу инвестираме во сопствениот потенцијал − во луѓето. Колку и да вложуваме во технологијата, сè е залудно без луѓето. Некои работни позиции ќе се менуваат, а некои нови профили ќе се појават, особено во области поврзани со анализа на податоци, вештачка интелигенција, роботизација и автоматизација на процеси. Не планираме намалување на работни места, напротив, ја гледаме дигитализацијата како можност за развој на човечкиот капитал. Наша обврска е да ги поддржиме вработените преку обуки и доквалификации за тие да можат да се прилагодат и да растат заедно со банката бидејќи гледаме на овие технологии како на алатки што ја зголемуваат способноста на вработените да се фокусираат на персонализирана интеракција со клиентите и на креирање иновативни решенија.
Сумирано, нашата дигитална стратегија е јасна: да инвестираме во луѓето, да обезбедиме современи дигитални алатки и да ги искористиме потенцијалите на вештачката интелигенција.
Сведоци сме на промени во банкарската индустрија како од аспект на појава на нови играчи така и од аспект на трансфери на кадри од една банка во друга. Како ги коментирате овие промени?
С. Кустурица: Точно е дека има зголемено движење во банкарската индустрија, доминантно мотивирано од појавата на финтек компании, најава на влез на нови банкарски имиња на пазарот, мобилност на кадри меѓу банките и самите промени во регулативата кои влијаат на одредени движења во индустријата.
Ако зборуваме за структурни промени во самата индустрија, и јас лично сум дел од тие промени: во 2019 година најголемата странска инвестиција во земјава беше токму купувањето на Охридска банка од страна на Штаермеркише Шпаркасе групацијата. Со тоа создадовме поголема и системски уште позначајна банка која ја зацврсти банкарската структура во земјава и донесе нова динамика на пазарот. Убеден сум дека окрупнувањето на пазарот е здрав процес кој им дава друга димензија на малите пазари како нашиот. Без разлика дали станува збор за органско растење или за спојувања и аквизиции, поддржувам окрупнување на банките бидејќи тоа создава посилни и поконкурентни институции кои можат подобро да им служат на клиентите и на економијата.
Во однос на зачестената мобилност на кадар меѓу финансиските институции, сметам дека денес тоа е природен процес кој се случува на речиси сите пазари. Секоја банка одлучува дали ќе ја јакне својата позиција преку т.н. преземање квалитетен кадар од други банки или, сепак, ќе се насочи кон суштинско градење на таленти однатре.
Не би можел да зборувам во име на другите банки, но стратегијата на Шпаркасе Банка е јасна. Ние вложуваме во нашите луѓе − ги развиваме, ги обучуваме и ги едуцираме и од нашите внатрешни силни кадри градиме нови лидери. Тука често ги користиме потенцијалот и експертизата на нашата групација. Веруваме дека тоа создава посилен корпоративен идентитет и долгорочна стабилност.
Разговараше: Ќирко Бошкоски