МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА ВО ВИЕНА: ЕНЕРГЕТСКИ ПРИОРИТЕТИ, НОВИ ПАРТНЕРСТВА И ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ЕВРОПСКАТА СОРАБОТКА

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска од денеска, 7 октомври, престојува во Виена, каде што по посебна покана на Дипломатската академија на Виена учествува во програмата „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“.

Преку посетата во Виена, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги претставува енергетските приоритети на земјата пред релевантни европски институции, претставници на јавниот сектор, дипломати и идни носители на одлуки, со цел отворање нови можности за соработка, размена на искуства и унапредување на партнерствата во енергетиката.

Програмата „Жени лидери 2026“, организирана од Дипломатската академија на Виена, е посветена на зајакнувањето на женското лидерство и на современите предизвици во јавниот сектор. Учеството на министерката Божиновска овозможува размена на искуства и отворање прашања од значење за иднината на регионот и Европа, вклучително и лидерството, управувањето со кризи, родовата еднаквост и дигиталната дипломатија.

Енергетската соработка меѓу Македонија и Австрија е еден од клучните сегменти на посетата. Министерката ќе оствари работна средба со Северин Грубер, генерален секретар на Сојузното министерство за економија, енергетика и туризам на Австрија. Во фокусот ќе бидат билатералната и економската соработка, енергетската транзиција, енергетската сигурност и можностите за воспоставување и продлабочување на соработката во области од заеднички интерес.

Посебен дел од агендата е посветен на младите и идните дипломати. Министерката Божиновска ќе има обраќање и ќе одржи предавање пред студентите на Дипломатската академија на Виена, посветено на енергетската транзиција и актуелните состојби во енергетскиот сектор во Македонија.

Пред студентите ќе бидат претставени реформите и процесите што го менуваат македонскиот енергетски систем – развојот на обновливите извори на енергија, модернизацијата на енергетската инфраструктура, постепеното напуштање на јагленот и спроведувањето на праведната енергетска транзиција. Ќе бидат презентирани и приоритетите поврзани со енергетската сигурност, диверзификацијата на снабдувањето, регионалното поврзување и интеграцијата во европскиот енергетски пазар.

Во услови на новата енергетска и геополитичка реалност во Европа, посебно значење има регионалната енергетска поврзаност. Во овој контекст, значајно место имаат новите енергетски коридори, вклучително и Вертикалниот гасен коридор, кои придонесуваат за поголема сигурност и диверзификација на снабдувањето.

Со активната меѓународна агенда, Министерството продолжува да ги гради партнерствата во регионот и Европа, да ги отвора можностите за нови инвестиции и соработка и да ги позиционира македонските енергетски интереси во пошироките европски процеси. Посетата во Виена е насочена кон создавање конкретни можности за соработка и размена на искуства во енергетиката, со фокус на сигурна, модерна и одржлива енергетска иднина.

Повеќе од истиот автор

Најчитано