Македон Димитровски, уметникот и дизајнер Сатја Грабул и научникот д-р Ѓорѓи Петрушевски се главните ликови во новиот видеоспот на „Алкалоид“, кој преку современ визуелен пристап ги поврзува овие три различни приказни во заедничка целина, ставајќи го во фокусот македонскиот интелектуален и креативен потенцијал.
Во основата на новиот видеоспот на „Алкалоид“ се знаењето, креативноста и љубопитноста, вредности што на различен начин се препознаваат во приказните на тројцата протагонисти поврзани со иста движечка сила: желбата да се открива, храброста да се создава и стремежот да се оди чекор понатаму. Македон Димитровски, иако има само 12 години, зад себе веќе има повеќегодишни успеси на меѓународни математички натпревари и признанија во повеќе научни области.
Во низата меѓународни успеси, годинава освои и два златни медали на Математичката олимпијада во Франкфурт, а своите исклучителни способности ги потврди и со високиот резултат на американскиот SAT-тест, наменет првенствено за средношколци при прием на универзитетите во САД. Со напредната логика, аналитичкото размислување и знаењата што значително ја надминуваат неговата возраст, Македон е редок пример за исклучителен интелектуален потенцијал.
Сатја Грабул е македонски уметник и дизајнер со препознатлив авторски израз, чија работа преку Swithadot Studios стигна и до светската сцена. Неговото студио има соработувано со некои од најпознатите имиња од светот на спортот и шоу-бизнисот, а во 2023 година беше вброен меѓу 50-те највлијателни лица на Балканот според Bloomberg Adria. Неговата работа е пример како автентична креативна идеја создадена во Македонија може да добие меѓународна препознатливост.
Науката во видеоспотот ја претставува д-р Ѓорѓи Петрушевски, доктор по хемија и научник со повеќе од 17 години искуство во фармацевтската индустрија, во областа на истражувањето, развојот и системите за квалитет. Автор и коавтор е на повеќе научни трудови, а неговиот научен интерес е насочен кон хемијата на цврста состојба, полиморфизмот и примената на современи аналитички методи во фармацијата.
Зад овие три различни приказни стои истиот порив: да се открива, да се создава и да се оди чекор понатаму. Без разлика дали станува збор за математички предизвик, уметничка идеја или за научно истражување, во центарот се човекот и неговата способност да создаде нешто што има вредност, а токму тоа е и пораката на новиот јубилеен видеоспот на „Алкалоид“: Она што вреди останува. Зад креативната реализација на видеото стои македонскиот режисер Марко Ѓоковиќ, во продукција на „Вертиго“.








