Интервјуа

ИНТЕРВЈУ I АЛЕКСАНДАР САРЏОВСКИ: Преку понуда на иновативни енергетски решенија и фокус на клиентите го помагаме растот на компаниите

Мега интервју со Александар Сарџовски, главен извршен директор на ЕДС

Енергијата е она што ја движи секоја активност и затоа отсекогаш постоел голем интерес за тој бизнис. Каква е состојбата и каква е конкуренцијата на енергетскиот пазар, домашен и регионален?

А. Сарџовски: Енергетскиот пазар, и домашен и регионален, е во период на интензивна трансформација. Во Северна Македонија целосна либерализација беше воведена на 1 јануари 2019 година, но свеста на потрошувачите расте бавно. Потрошувачите сè повеќе можат да избираат меѓу различни снабдувачи, што носи повисоко ниво на конкуренција, но и зголемени очекувања од корисниците − не само во однос на цената туку и во однос на сигурноста, на флексибилноста и на квалитетот на услугите.
По турбулентниот период на енергетската криза стана јасно дека стабилноста и безбедноста на снабдувачот се од суштинско значење. Компаниите сè повеќе препознаваат дека снабдувачот треба да им понуди долгорочна вредност, стратешка поддршка и решенија што ќе ги водат кон поголема енергетска ефикасност и усогласеност со новите европски регулативи.
На регионално ниво пазарот станува сè поконкурентен, со зголемено присуство на меѓународни енергетски компании. Во Европа веќе се движиме кон децентрализиран модел на производство на енергија − каде што потрошувачите стануваат и производители. Иако овој модел сè уште се развива во нашава земја, насоката е јасна: дигитализација, обновливи извори и поактивна улога на потрошувачите.

Вие сте на чело на компанијата ЕДС која е дел од ППЦ-групацијата (PPC). Кажете ни повеќе за групацијата, за нејзината позиција на пазарот и за ЕДС во тие рамки.

А. Сарџовски: ППЦ-групацијата е една од најголемите енергетски компании во регионот на Југоисточна Европа со вкупен инсталиран капацитет од 12,4 GW. Компанијата има силно регионално присуство − активна е во Грција, во Романија, во Италија, во Бугарија, во Хрватска и во Северна Македонија. Во моментов опслужува повеќе од 8,8 милиони корисници, што ја прави значаен играч на пазарот на енергија.
Преку својата работа, ППЦ-групацијата се стреми да обезбеди безбедно и квалитетно снабдување со електрична енергија, конкурентни цени и, најважно, пристап до зелени и до дигитални решенија. Ова е особено важно за деловните корисници бидејќи решенијата што ги нудиме се прилагодени на нивните специфични потреби.
Како дел од оваа групација, ЕДС ги носи најдобрите европски практики и решенија на домашниот пазар. Нашите корисници добиваат безбеден и стабилен снабдувач со електрична енергија, конкурентни пазарни цени и посветена поддршка во подобрувањето на енергетската ефикасност.

Кои се придобивките што ги добиваат корисниците од соработката со ЕДС во однос на снабдувањето со електрична енергија со оглед на тоа што на пазарот постојат различни сегменти?

А. Сарџовски: Нашата главна цел во ЕДС е да ги задоволиме различните потреби на деловниот сектор преку иновативни и флексибилни решенија за снабдување со електрична енергија. Сведоци сме дека пазарот се состои од различни сегменти поради што развивме два основни тарифни пакети − „без обврски“ и пакет со долгорочен договор − кои им овозможуваат на компаниите да изберат модел што најмногу одговара на нивниот деловен профил.
За оние кои бараат флексибилност и не сакаат долгорочни обврски, пакетот „без обврски“ овозможува плаќање по единствена фиксна цена со можност за месечен преглед и без задолжителни договори. Од друга страна, компаниите кои ги ценат стабилноста и планирањето на трошоците на долг рок имаат можност за значително пониска цена и дополнителни попусти преку 12-месечниот договор.
Со оваа понуда сакаме да им помогнеме на бизнисите да го доведат до оптимум својот буџет, да избегнат ненадејни промени на цените и да имаат целосна контрола врз потрошувачката на електрична енергија. Нашиот фокус останува на континуирано подобрување на тарифните модели во согласност со барањата и со потребите на нашите корисници.